Германија прави резерви на гас за „црни денови“
Германското Министерство за економија подготвува планови за воспоставување државни стратешки резерви на природен гас што би се користеле во вонредни ситуации, чие формирање би чинело до 1,5 милијарди евра (1,72 милијарди долари).
Според интервјуираните од Ројтерс, резервите би биле наменети за заштита од екстремни ситуации, како што се саботажа на клучна енергетска инфраструктура или сериозен глобален недостиг на гас.
Германија се обидува да ја зајакне својата енергетска безбедност откако конфликтот меѓу Русија и Украина предизвика потрага по алтернатива на рускиот гас и ја истакна ранливоста на европската енергетска инфраструктура.
Во 2020 година, германската влада одлучи да ги затвори термоелектраните на јаглен до 2038 година, како дел од транзицијата кон намалување на употребата на фосилни горива.
Според планот, кој владата треба да го одобри кон средината на август, стратешките резерви би содржеле околу 24 терават-часови (TWh) гас, што одговара на нешто помалку од 10 проценти од вкупниот капацитет за складирање гас во Германија.
Трошоците за воспоставување резерви, купување гас и негово вбризгување во складиштата се проценуваат на помеѓу 1,2 и 1,5 милијарди евра, при што средствата би биле распределени во текот на 2027 и 2028 година. Покрај тоа, годишните трошоци за одржување се проценуваат на помеѓу 150 и 180 милиони евра.
Стратешките резерви би се финансирале преку посебна такса што би им се наплаќала на потрошувачите на гас.