Германија во пресрет на утрешните избори без јасен фаворит кој сам би формирал влада

Берлин – Германците утре ќе изберат 630 пратеници за новиот состав на Бундестагот, а најновите предизборни истражувања покажуваат дека опозициските демохристијани и екстремната десница, исто така опозициска Алтернатива за Германија (АфД) се уште имаат најголема поддршка, но дека ниту една партија нема да има доволно пратеници за сама да формира влада.
За функцијата нов лидер на Германија се борат четворица кандидати: актуелниот канцелар Олаф Шолц од Социјалдемократската партија (СПД), Фридрих Мерц, кандидатот на главната конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ), актуелниот вицеканцелар Роберт Хабек од еколошката Зелена партија и Алис Вајдел од крајната десничарска, антиимигрантска Алтернатива за Германија (АфД).
Според анкетата на институтот за истражување на јавното мислење „Југов“ (YouGov), конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нејзиниот лидер и кандидат за канцелар Фридрих Мерц може да сметаат на 29 отсто од гласовите, што е два процентни поени повеќе од почетокот на оваа недела.
Германските аналитичари проценуваат дека идната владејачка коалиција најверојатно ќе се формира околу ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ и дека во неа ќе мора да учествуваат најмалку две партии, што укажува на неизвесни коалициски преговори.
Според анкетата на Југов, рејтингот на АфД остана непроменет на 20 отсто, поддржувајќи ги нејзините амбиции да биде втора на изборите според бројот на освоени гласови.
Моментално владејачката Социјалдемократска СПД на канцеларот Олаф Шолц загуби еден процентен поен од почетокот на неделата и сега е на 16 отсто, додека нејзиниот партнер во трипартиската коалиција до неодамна, Зелените, имаат поддршка од 13 отсто од гласачите.
Во последните недели, порасна популарноста на партијата Левица, која е наследник на поранешната источногерманска Единствена социјалистичка партија на Германија (СЕД). Според анкетата, таа партија е поддржана од осум отсто од гласачите и речиси сигурно може да смета на влез во парламентот.
Според проекциите на „Југов“, ваквите резултати би значеле дека демохристијаните ќе имаат 220 пратеници во парламентот, АфД 145 пратеници, СПД 115, Зелените 94, Левицата 55, а „другите“ еден пратеник.
Анкетите покажуваат и дека само три дена пред изборите, голем број гласачи, меѓу 20 и 27 отсто, се неопределени.
Избирачките места ќе бидат отворени од 8 до 18 часот, а Германците можат да гласаат и по пошта.
Излезните анкети ќе бидат објавени веднаш по затворањето на гласачките места, а пребројувањето на гласовите ќе почне веднаш. Целокупната слика за резултатите ќе биде позната многу брзо, додека конечниот официјален резултат се очекува рано в понеделник.
Право на глас во самата Германија имаат 59,2 милиони гласачи, како и повеќе од три милиони германски државјани во странство, за кои овогодишното гласање ќе биде попроблематично од вообичаеното поради кратките рокови.
На гласачкото ливче има 29 партии, но се очекува меѓу пет и осум од нив да успеат да го поминат изборниот праг од пет проценти.
Изборите се карактеризираат со изразени демографски промени. На изборите во 2021 година, право на глас само во Германија имаа 61,2 милиони луѓе.
Во сегашното гласачко тело повеќе од 40 отсто од граѓаните се на возраст над шеесет години, а една четвртина се над 70 години.
Помладите од 30 години сочинуваат само 13,3 отсто од гласачкото тело. Вкупно 2,3 милиони млади луѓе можат да гласаат за прв пат или околу четири проценти.
Изборите во Германија се одржуваат седум месеци порано од планираното, бидејќи трипартиската коалиција на Шолц се распадна во ноември поради несогласувањата околу начините за заживување на економијата, која веќе две години е во пад.