Германија ја поздрави одлуката за останување на американските војници на нејзина територија

Германија – Германија денеска ја поздрави одлуката за останување на американските воени бази на нејзина територија и запирањето на повлекувањето на силите, изјави Штефен Зајберт, портпарол на Владата на Ангела Меркел.
Одлуката, која вчера ја соопшти американскиот претседател Џо Бајден во неговиот прв говор за надворешна политика, „ќе биде во интерес на обете страни“, рече портпаролот Зајберт на прес-конференција во Берлин.
– Отсекогаш сме биле убедени дека американските трупи стационирани тука во Германија служат на европската и трансатлантската безбедност, рече Зајберт.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп најави повлекување на војската од Германија, која е таму од крајот на Втората светска војна. Од околу 200.000 американски војници, колку што имаше во 1990 година, денес има околу 34.500.