Германија: Излегуваме од пандемијата, но новиот сој сè уште може да се шири


Државниот германски епидемиолошки институт „Роберт Кох“ во петокот, покрај намалениот број новозаразени, предупреди дека и понатаму е присутна опасноста од мутирачкиот сој на корона вирусот, додека министерот за здравство истовремено најави можност за попуштање на мерките.

„Ситуацијата се уште не е под контрола. Вирусот сè уште не е уморен, напротив: всушност доживува нов залет“, рече директорот на Инситутот „Роберт Кох“, Лотар Велер, на прес-конференција заедно со министерот за здравство Јенс Шпан.

Вирусот се уште има потенцијал за ширење

Велер објасни дека распространетоста на новиот мутирачки сој корона вирус, кој стигнал од Велика Британија, во моментот е шест отсто.

„Тоа значи дека вирусот сè уште има потенцијал за ширење. Мора да сметаме дека овој сој дополнително ќе се прошири“, рече Велер. Тој апелираше до граѓаните и понатаму да се придржуваат на мерките за затворање кои се на сила во моментот.

На пат сме да излеземе од пандемијата

И германскиот министер за здравство Јенс Шпан, покрај намалениот број новозаразени, предупреди на потребата од понатамошно придржување кон мерките.

„Ние сме на пат да излеземе од пандемијата. По овој пат се движиме одлучно, но претпазливо“, рече Шпан и додаде дека бројот новозаразени константно паѓа но не доволно.

Коментирајќи го состанокот со канцеларката Ангела Меркел и премиерите на сојузните покраини што треба да се одржи следната недела, на кој ќе се одлучува за евентуално продолжување на мерките на затворање, Шпан рече дека треба да се подготват за полека да се излегува од оваа состојба. Според неговите зборови, попуштање на мерките треба да почне со работа на училиштата и градинките.

Седмодневна инциденца на пад

Според најновите податоци, седмодневната инциденца во Германија е во пад и во моментот изнесува 79,9. Германската влада како цел за воведувањето на мерките на затворање го наведе спуштањето на инциденцата под вредноста од 50 заразени на 100.000 жители во седум дена.

Претставниците на повеќе сектори притискаат владата да ги попушти мерките на затворање.

Од почетокот на ноември во Германија е забранета работата на културните, спортските и угостителските објекти, а од средината на декември и дел од малопродажбата.