Германија има план вреден 45 милијарди долари за 18 години да се збогува со јагленот


Германија планира да го искорени јагленот до 2038 година и да се насочи кон обновливите извори за производство на електрична енергија

Фондот за компензација вреден 45 милијарди американски долари ќе се искористи за затворање на рудниците за лигнит и термоелектраните и ќе им помогне во преквалификација на работниците од овој сектор

 

Германија е најголемиот светски производител на лигнит – највалканата класа на јаглен – а некои држави инвестираа многу во иднина со јаглен. Но, неодамнешниот договор е поставен да ја направи земјата зона без јаглен до 2038 година, отворајќи го патот за транзиција кон почисти извори на енергија.

Договорот меѓу владата и регионалните лидери постави 18-годишна временска рамка фазно да се затворат термоелектраните на јаглен во Германија, кои значајно придонесуваат за глобалното затоплување.

Во обид да ги намали емисиите, владата има за цел до 2030 година да се произведува најмалку 65 отсто од потребите за електрична енергија на земјата од обновливи извори.

Во 2018 година јагленот учествувал со околу 35 отсто во производството на електрична енергија во земјата. Во целата ЕУ учеството е околу 20 проценти.

Познат и како кафеав јаглен, лигнитот се вади на отворени копови што може трајно да го оштети пејсажот, уништувајќи ги живеалиштата на животните и локалните екосистеми, велат од Федералното министерство за економски прашања и енергија. Одлуката за затворање на германскиот сектор за јаглен, исто така, може да спречи рушење на цели села за да се отвори пат за нови рудници.

Чиста енергија

Јагленот е важен извор на енергија за многу земји и според Меѓународната агенција за енергетика, неговата употреба „веројатно ќе биде значајна во иднина во отсуство на усогласена владина политика“.

Од таму велат дека за да се замени јагленот со почист извор на енергија во наредните децении, „потребни се поголеми напори од страна на владата и индустријата за развој и распоредување на помалку загадувачки и поефикасни технологии“.

Додека германското оддалечување од јагленот и лигнитот на краток рок претставува скап бизнис, на долг рок може да се покаже дека ќе се плати мала цена во споредба со справувањето со климатските промени.

Пакетот за компензација од 45 милијарди американски долари ќе поддржи затворање на рудници за лигнит и термоелектрани на јаглен во Саксонија-Анхалт, Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија, Бранденбург и други области зависни од индустријата за јаглен.

Фондот ќе ги надомести рудниците и комуналните услуги за изгубените приходи од производство, ќе финансира нови инфраструктурни проекти во областите зависни од јаглен и ќе им помогне на работниците од индустријата за јаглен да се преквалификуваат за нови работни места во нивната локална област.

Германската индустрија за лигнит вработува околу 20.000 луѓе, од кои три четвртини работата на коповите, а другите во термоелектраните. Уште 5.000 луѓе работат во термоелектрани на темен јаглен и покрај затворањето на последниот рудник за темен јаглен во земјата во 2018 година.

Бидејќи климатските промени влијаат на планетата и цената на чистата енергија од сончевата енергија и од ветерните фарми продолжува да паѓа, обновливите извори на енергија имаат се поголемо влијание во Германија и во многу други земји.

Обновливите извори на енергија имаат се поголемо учество во енергетскиот микс на Германија и нивната нагорна траекторија треба да продолжи. Ветерните електрани, сончевите и другите извори на чиста енергија во моментов учествуваат со повеќе од една третина од производството на енергија во земјата, повеќе од двојно во споредба со последните осум години.

Германскиот сектор за обновлива енергија е во подем и има за цел да произведе 65 отсто од електричната енергија на земјата до 2030 година, создавајќи нови нови можности за работа

Податоците на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРНА) покажуваат дека околу 284.000 луѓе работат во секторот за обновлива енергија во Германија, најмногу во енергијата од ветер.

За да се постигне владината цел за 65 отсто учество на обновливи извори до 2030 година, секторот ќе треба да го зголеми својот сегашен удел во енергетската мешавина за половина, создавајќи бројни нови работни места за луѓето кои живеат во Германија.

Ветувања на политиката

Одлуката за исфрлање на јагленот до 2038 година – или порано ако преминот на чиста енергија оди според планот – е во согласност со одлуката на лидерите на ЕУ да го направат блокот јаглеродно неутрален до 2050 година.

Другите европски нации исто така велат не за јагленот, при што голем број на земји-членки на ЕУ ја кажуваат нивната намера да го исфрлат како гориво.

Финска, на пример одобри забрана за употреба на јаглен за производство на енергија, што ќе стапи на сила во мај 2029 година, а Холандија ги објави плановите за затворање на сите термоелектрани на јаглен до истата година. Земјите како Ирска, Данска и Франција поставија подоцнежни рокови. Во Давос, Светскиот економски форум ги повика сите учесници да постават цел за нула емисија на штетни гасови. („Светски економски форум“)