(Галерија) Избори во време на корона – на Правниот факултет


Професорите на Правниот факултет ги бираа двајцата сенатори од своите редови (Фото: Б. Грданоски)

И покрај корона кризата некои избори сепак се одвиваат. Со максимална безбедност и пертпазливост. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во тек се изборите за сенатори за новиот Универзитетски сенат кои треба да завршат на 8 јуни, затоа што мандатот на сегашните сенатори им завршува некаде на крајот од месецот. На повеќето факултети и институти изборите се завршени, на некои тоа треба да се направи в понеделник.

Денеска професорите од Правниот факултет ги бираа двајцата сенатори од нивните редови, како и петчлена комисија за избор на ректор од нивната средина. Изборите беа направени според „корона-стандарди“ – на отворено на платото пред факултетот, сите со заштитни маски, секој си го доби пенкалото со кое гласаше. Имаше два круга тајно гласање при изборот за сенаторите и најпосле професорите за нивни претставници во Универзитетскиот сенат ги избраа Тони Дескоски и Родна Живковска.

Ванчо Узунов (Фото: Б. Грданоски)
Гордана Силјановска-Давкова (Фото: Б. Грданоски)
Владо Бучковски (Фото: Б. Грданоски)
Фото: Б. Грданоски
Тања Каракамишева (Фото: Б. Грданоски)
Гордан Калајџиев (Фото: Б. Грданоски)

На тајно гласање беше избрана и петчлената комисија за избор на ректор која ќе ја има својата улога подоцна овој месец. Дотогаш сите факултети и институти на Универзитетот треба да изберат свои комисии кои ќе го надгледуваат тајното гласање за изборот на ректор во секој ентитет. Според законот, за изборот на ректор ќе гласаат членовите на наставно-научните совети на факултетите, што значи, доценти, вонредни и редовни професори. Досега ректорот го избираше Универзитетскиот сенат. Наставно-научниот совет на Правниот факултет, на пример, има 70 членови и сите ќе имаат можност да гласаат за еден од кандидатите, а комисијата што денеска беше избрана со тајно гласање треба да ги спроведе тие избори во нивната научна средина. Ако се земе предвид дека има повеќе од дваесетина факултети и институти, тоа значи дека околу 1.000 професори ќе имаат можност да го изберат новиот ректор од повеќе кандидати на непосредни избори. На некој начин тоа значи дека кандидатите за ректор може да водат и изборна кампања во текот на овој месец.

Додека се чека редот за гласање (Фото: Б. Грданоски)
Борче Давитковски и Владо Бучковски (Фото: Б. Грданоски)

Гласањето на Правниот факултет денеска помина дури и со мала еуфорија – дека е можно да се организираат избори и во време на корона, па макар тоа било и во ограничени рамки. (Н.В.)