Фудбалерите на Иран одбија да ја пеат химната пред мечот со Англија


 

Сите 11 ирански фудбалери се воздржаа од пеење на националната химна пред почетокот на првиот натпревар против Англија на Светското првенство во Катар, соопштено е во Доха.

Капитенот Алиреза Јаханбахш неодамна изјави дека играчите заедно ќе одлучат дали ќе ја пеат или не националната химна како поддршка на жртвите од протестното движење во Иран.

Во текот на викендот, неколку ирански фудбалери изразија сочувство до семејствата на загинатите за време на протестите и нивната солидарност со протестното движење, кое е цел на репресија од иранските власти.

Инаку, Англија доминираше на натпреварот и речиси рутински го доби со 6:2.

Протестите во Иран беа започнати на 16 септември, денот кога Махса Амини (22) почина во болница, каде што беше ставена во тешка состојба откако беше уапсена на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран. .

Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти. Според податоците на невладините, во задушувањето на тие протести загинале неколку стотици луѓе, додека околу 15.000 биле уапсени. Некои од уапсените беа осудени на смрт. (АФП)