Француската Влада сака да ја забрза вакцинацијата против Ковид-19


 Викендов француската Влада ја забрза кампањата за вакцинација против Ковид-19, што претставува мала победа во долгата трка со времето против епидемијата.

Речиси 135.000 дози дополнителни вакцини се испратени до дваесетината најпогодени департмани од пандемијата, каде што се отворени и нови центри за вакцинација, јави дописникот на МИА.

За министерот за здравство, Оливие Веран, дел од облогот е исполнет. Вчера на 6 март 220.000 Французи добија инјекција, или „повеќе од двојно од минатата сабота“ додаде министерот, заблагодарувајќи им се на „лекарите, медицинските сестри, пожарникарите, локалните избрани политичари и вработените во локалните заедници“.

Во текот на денешниот ден се спроведува слична акција, која би требало да продолжи и натаму. Француската Влада има за цел до средината на април со првата доза да вакцинира 10 милиони лица, 20 милиони до средината на мај и 30 милиони до лето. Досега во Франција најмалку 3,4 милиони Французи  добија барем една доза од вакцините против Ковид-19.

Парижани не ги почитуваат здравствените мерки, полицијата интервенира на кејовите на Сена

Париската полиција на два пати во последната недела ги евакуираше кејовите на Сена, откако проценила дека здравствените мерки не се правилно применети, јави дописникот на МИА.

Многубројни парижани сакаа да го искористат убавото време и излегоа на воздух и сонце, особено на кејовите на Сена. Овие спонатни собири ја загрижија полицијата која мораше да ги евакуира кејовите на Сена.

– Здравствените мерки преземени за борба против ширењето на Ковид-9 не се почитуваат на кејот на Сена, се правда префектурата на полицијата по двојната интервенција на силите на редот.

Ако, за разлика од Па-де-Кале, Париз и Ил-де-Франс не се ограничени, главниот град останува под засилен надзор. Префектурата на тој начин потсети, дека на сила е забраната за консумирање алкохол на различни места во главниот град и ги покани сите да ги почитуваат сите здравствени мерки за борба против ширењето на вирусот, особено со избегнување на преполни места.

Рестораните, баровите и кафулињата се затворени во Франција од крајот на октомври минатата година.

Во текот на ноќта, полицијата веќе беше мобилизирана за да стави крај на тајна забава што се одржа во 14-от арондисман во Париз.