Француската полиција случајно ја откри одамна украдената биста на Џим Морисон од неговиот гроб

Мермерната биста исчезна во 1988, седум години откако беше поставена


Бистата е дело на хрватскиот скулптор Младен Микулин

 

Изработена од бел мермер и покриена со графити, големата биста исчезна во 1988 година. Сега, 37 години подоцна, скулптурата со срнести очи што некогаш го красеше гробот на американскиот пејач Џим Морисон е пронајдена, во она што париските обвинители го опишаа како „случајно откритие“.

Полицијата во Франција соопшти дека вршеле пребарување поврзано со случај на измама кога случајно наишле на бистата на фронтменот на групата „Дорс“. Соопштението, објавено на социјалните медиуми во понеделник, беше придружено со фотографија на која се гледа сивата скулптура сè уште покриена со графити и без дел од носот, наводно отсечен од ловци на сувенири пред нејзиното исчезнување.

Замислена како почит кон Морисон, скулптурата е изрезбана по неговата смрт од хрватскиот уметник Младен Микулин. Статуата беше поставена на неговиот гроб на париските гробишта Пер Лашез во 1981 година, 10 години откако пејачот почина во француската престолнина на 27-годишна возраст.

Иако точните околности на смртта на Морисон остануваат обвиткани во мистерија, повеќето рани извештаи велат дека пејачот починал од срцев удар во кадата.

Од своето место на врвот на надгробната плоча на Морисон, статуата ги пречекуваше толпите посетители кои доаѓаа да фотографираат, да положат цвеќе и – пред да се ангажира чувар да го набљудува местото – да пушат марихуана и да се забавуваат со еден од најпознатите жители на Пер Лашез.

Седум години откако бистата беше поставена на местото, таа исчезна. Се ширеа гласини за тоа што можеби се случило: некои зборуваа за двајца обожовачи кои успеале да ја симнат бистата, наводно тешка 128 кг, на мопед среде ноќ; други го повторија навидум неоснованото тврдење дека властите ја скриле скулптурата за да ја заштитат.

Во 1994 година, откако поминаа години без никаков знак од скулптурата, двајца Американци беа уапсени за обид да постават своја бронзена верзија на бистата на гробот на Морисон.

Тод Мичел, кој рече дека допатувал од Јута и потрошил илјадници долари од својот пензиски фонд за да ја воскресне бистата, рече дека обезбедувањето првично било збунето кога наишло на него и неговиот внук како се обидуваат да ја закачат бистата на надгробната плоча на Морисон во темница. „Тој едноставно изгледаше запрепастен… Повеќето луѓе уништуваат работи на тие гробишта“, изјави Мичел за „Солт Лејк Трибјун“ во 1994 година.

Во понеделникот, додека обожавателите на Морисон го славеа она што полицијата го опиша на социјалните медиуми како „необично откритие“, имаше малку вести за тоа дали бистата ќе биде вратена на гробот на пејачот. Беноа Галот, кустосот на гробиштата Пер-Лашез, изјави за „Фигаро“: „Полицијата не нè контактирала, па не знам дали бистата ќе ни биде вратена“.