Франција соопшти дека нејзиниот предлог не бил на штета на Македонија

Според министерот за Европа, Клеман Бон, Бугарија за прв пат по долго време покажала добра волја. Одлуката може да биде донесена и наредните денови


Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург

 

Министерот за Европа на Франција, Клеман Бон, денеска по завршувањето на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, изјави дека до последен момент ќе работа да се крене бугарското вето за почетокот на преговорите со Македонија и дека тоа може да се случи и во наредните денови. „Француското претседателство и Бугарија заедно со Европската комисија се обидуваат да ги надминат тешкотиите за да можеме да дадеме знак за напредок, ова е важно и се надевам дека ќе се случи дури и во наредните денови. Работиме на тоа“, рече Бон, како што јавуваат дописниците од Луксембург каде што се одржува состанокот.

Според Бон, кој е клучниот човек на претседателот Макрон за односите со ЕУ, „не може да се каже дека францускиот предлог за излез билатералниот спор е на штета на Скопје. Предложената преговарачка рамка внимателно допира прашања пошироки од билатералните“.

Во изјавата Бон рече: „Со јасен консензус ја истакнавме потребата да се навратиме на европската перспектива на земјите од Западен Балкан“ и го истакна очекувањето за брз почеток на разговорите со Албанија и Република Северна Македонија. Според него, војната во Украина бара забрзување на проширувањето на ЕУ, особено таму каде што процесот е одамна започнат.

Тој го опиша прашањето за почеток на преговорите со Скопје и Тирана како дел од симболичен процес. „Се надевам дека во наредните денови ќе се дојде до решение за разликите меѓу Софија и Скопје, но политичката ситуација во бугарската престолнина деновиве е тешка. Нема да штедиме напори до последниот час од француското претседателство,“ рече Бон.

На прашање на МИА за време на денешната прес-конференција по Советот за општи работи дека францускиот предлог внесе билатерални македонско-бугарски прашања во преговарачката рамка, Клеман Бон се огради од ставот дека францускиот предлог е спротивен на македонските интереси, но истакна дека треба да се земат предвид бугарските преокупации на внимателен начин.

„Држевме до принципот, во контакт со Европската комисија и нашите европски партнери, дека преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори. Мора да се констатира дека има билатерална блокада со месеци. Внимателно и со баланс, но отфрлам дека ова би било против интересите на Северна Македонија, напротив, во контакт и со Скопје, преку информациите од билатералните дискусии меѓу Скопје и Софија, но и преку директни контакти што ги имавме, што Европската Комисија ги имаше со двете страни, велам дека има некои теми кои немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Северна Македонија, во преговарачката рамка, на внимателен и ограничен начин“, изјави Бон.

Тој повеќепати истакна дека не сака да дава детали затоа што преговорите сѐ уште траат и не сака да ги загрози.

„Многу земји членки потсетија на секој чекор, и оправдано, дека преговарачката рамка не е местото каде се третираат сите билатерални прашања. Има преокупации кои можат да имаат трансверзален карактер и кои ги интегрираме во преговарачката рамка на таргетиран начин. Тоа е калибирирањето што се обидуваме да го најдеме, тоа е срцето на темата, тоа таргетирање, во дух на баланс и правичност“, додаде францускиот министер за Европа.

Бон истакна дека правилото во преговорите со ЕУ е дека секоја етапа се отвора со едногласност на сите држави членки.

Тој им честиташе на Бугарија и Македонија за нивните напори да се постигне договор. Бон рече дека е во заеднички интерес да започнат пристапните преговори со Скопје, додавајќи дека за прв пат по долго време Бугарија покажала добра волја во овој поглед.

Министерот додаде дека оваа недела пред Европскиот совет ќе има средба ЕУ-Западен Балкан, за да не се чини дека овие земји се заборавени. Тој не можеше да потврди кои шефови на држави и влади од регионот ќе пристигнат на средбата во Брисел, откако Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама најавија дека може и да не дојдат на собирот.

Едно од главните прашања за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е поврзано со спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави потпретседателот на ЕК Марош Шефчовиќ. Се надеваме дека многу брзо ќе биде постигнат значителен напредок, рече тој, заблагодарувајќи се на Франција за нејзините дипломатски напори.

„Важно е да започнат преговорите со Албанија и Северна Македонија како знак дека политиката на проширување на ЕУ е жива. Тоа би отворило сосема ново поглавје во нашиот однос со Западниот Балкан затоа што проширувањето ќе стане поопипливо, ќе влеземе во конкретни преговори. Албанија и Северна Македонија се познати како многу подготвени, и сметаме многу на последните недели од француското претседателство, ги поддржуваме нивните напори, сакаме да ја направиме ЕУ перспективата за Западен Балкан опиплива“, рече Шефчович.

Бон додаде дека европските министри денеска ја поддржале оценката дека Украина го заслужува статусот кандидат за ЕУ ​​што е можно поскоро. Тоа не значи итен пристап во ЕУ, рече тој.

За денешниот состанок се огласи и бугарското МНР. „Бугарија му се заблагодарува на француското претседателство за напорите да ги одрази приоритетите на нашата земја во нацрт-преговарачката рамка за Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија по денешната средба на која претставник на Софија беше заменик-министерот Васил Георгиев. „Постојано сме на ставот дека се потребни сигурни гаранции за усогласување со Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји. Гарантирањето на правата на Бугарите, вклучително и преку нивно вклучување во Уставот на Северна Македонија, е услов за почеток на преговорите за членство“, додаде заменик-министерот, цитиран во изјавата.

Заменик-министерот Георгиев на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ изјавил дека не може да ја претстави одлуката на Софија околу францускиот предлог и за кревање на ветото за Македонија без за него да се изјасни парламентот.

„Ние постојано се држиме до ставот дека се потребни сигурни гаранции за усогласување со Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји. Гарантирањето на правата на Бугарите, вклучително и со нивно вклучување во уставот на Северна Македонија, е услов за почеток на преговорите за членство“, рече заменик-министерот Георгиев, пренесуваат бугарските медиуми. (Н.В.)