Франција се враќа на првото место по производство на вино


Француското Министерство за земјоделство ја зголеми проценката за годинешното производство на вино, најавувајќи дека повторно ќе го заземе првото место меѓу светските производители.

Министерството ја проценува годинашната реколта на 47,2 милиони хектолитри, што е повеќе од 46-те милиони што беа проценети минатиот месец, пренесува Ројтерс.

Производството на вино се зголеми во многу региони, вклучувајќи го и Шампањот, но се намали во Бордо, југозападна и југоисточна Франција.

Во Бургундија, производството на вино ја израмни рекордната 2018 година, особено кога станува збор за белото вино.

Франција, претекната од Италија како најдобар производител на вино, треба да го врати своето водство оваа година, откако екстремните временски услови и габични заболувања силно ги погодија италијанските лозја.

Светското производство на вино, погодено од лошата жетва во Шпанија и земјите од Латинска Америка, се очекува да падне на најниско ниво во последните 60 години во 2023 година.