Франција ќе демонтира затворена нуклеарка во близина на германската граница


Француската Влада одобри демонтирање на затворената нуклеарна централа Фесенхајм во близина на германската граница, откако вчера во службениот весник беше објавен декрет со кој се овластува енергетската компанија ЕДФ да почне со процесот.

ЕДФ соопшти дека набрзо ќе почне со работа на проектот, кој ќе се спроведува во четири фази, додавајќи дека подготвителните работи се во голема мера завршени.

Централата, лоцирана јужно од југозападниот германски град Фрајбург, беше затворена во 2020 година по 42 години работа, по долгогодишен притисок од антинуклеарните активисти од двете страни на границата. Отстранувањето на сите горивни елементи беше завршено во септември 2022 година.

Клучните задачи во првата година од демонтирањето вклучуваат отстранување на три генератори на пареа од реакторот 1 и демонтирање на решетките за складирање што се користеле за искористеното гориво, наведоа од ЕДФ.

Компанијата исто така планира на самата локација од 2027 година да изгради капацитет за топење на метален отпад со ниско ниво на радиоактивност. Овој погон би можел да преработи до 500.000 тони метал од цела Франција, вклучувајќи и компоненти од нуклеарни реактори. Се очекува таканаречениот „Техноцентар“ да отвори околу 200 работни места и да почне со работа во 2031 година, со проценета инвестиција од околу 450 милиони евра (528 милиони долари), пренесе ДПА.

И покрај затворањето на Фесенхајм, Франција продолжува со нуклеарна експанзија. Стратегијата претставена во февруари предвидува шест нови реактори од 2038 година, со опција за дополнителни осум. Владата исто така планира да го продолжи животниот век на своите 57 постоечки реактори на 50 или 60 години, отфрлајќи ги претходните планови за постепено повлекување на постарите постројки.