Фракционерски битки или „атомизирање“ на ВМРО-ДПМНЕ


Новата партија што би произлегла од ВМРО-ДПМНЕ од старт би можела да смета на неколку пратенички места, според проценки на познавачи на состојбите во политичката десница. Но, за да се реализира тоа, треба да се исполнат неколку предуслови: прво – да се конституира новиот политички субјект, а второ – тоа да се случи во најкус можен рок, со оглед на тоа што до следните парламентарни избори (во редовен термин) останува уште една година.
Сепак, од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека сопартијците што лани ова време беа исклучени од партијата или разрешени од функции нема да формираат нов политички субјект. Незадоволството од политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ што деновиве повторно излегува на површина и ги поттикна сомневањата дека е на повидок нова десничарска партија, од врвот во „белата палата“ ѝ го припишуваат на владејачката партија, која наводно правела сценарија со „сателити околу Зоран Заев“. Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека станува збор за лични приказни, односно дека поединци од десницата сега играат во прилог на премиерот поради, како што велат, одредени интереси или притисоци, ама тоа, како што велат, нема да се одрази на изборниот резултат на опозицијата, која веќе се промовира себеси како победник на следните избори.
Во тој контекст и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на викендот, за Алфа изјави: „Новите десничарски партии кои би се формирале, а во нив би фигурирале личности како Митко Јанчев, Никола Тодоров и Петар Богојески, се по нарачка на СДСМ и Заев“.
– ВМРО-ДПМНЕ е обединета. Резултатите од претседателските избори го покажуваат тоа. Но, истовремено, легитимна е желбата на СДСМ и на Заев да создаваат проблеми во рамките на опозицијата, така што сето она што би значело атомизирање и тоа какво било, па дури и во рамки на некои незначителни процеси, во случајов им одговара само на СДСМ и на Заев – рече Мицкоски во Ресен.
Соговорници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ посочуваат, исто така, дека кога Заев успеал да придобие преку ноќ осум опозициски пратеници за поддршка на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, тогаш веројатно нема да му биде тешко да придобие уште неколку луѓе за да создава перцепција дека ќе се формира нова партија од незадоволници од ВМРО-ДПМНЕ. Во политички кругови, пак, провејуваат и тези дека на раководството на ВМРО-ДПМНЕ му одговара да се создава во јавноста атмосфера на внатрепартиски превирања, за тоа да може да се користи како аргумент дека партијата се дистанцира од политиките на претходниот лидер Никола Груевски.
Од независната пратеничка група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат сознанија дека ќе се формира нова партија, односно дека за тоа разбрале од написите во медиумите. За релациите со матичната партија, пак, велат дека концепциски се разминуваат со ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ и дека меѓу нив нема речиси никаква комуникација.
Независната пратеничка група вчера побара да биде вклучена во преговорите меѓу партиите за најавените промени на Изборниот законик. Осумтемина пратеници имаат и конкретни предлози за изборни реформи, како намалување на бројот на пратеници, застапеност на лицата со посебни потреби на листите, рамноправна родова застапеност и да се најде решение со кое ќе се гарантира застапеноста на помалите етнички заедници во парламентот.
– Ќе бидеме конструктивни партнери во преговорите и ќе ја застапуваме нашата заложба за поголема демократија во начинот на избор на пратеници што ќе придонесе за разноликост, инвентивност и можност за презентација на различни ставови. Концептот за отворени листи е добра почетна основа за која треба дополнително да се разговара – се вели во соопштението на независната пратеничка група.

Пратеничката Емилија Александрова, на прашање дали независните пратеници планираат да учествуваат на парламентарните избори, велат дека не размислувале досега на таа тема, ама, како што посочува, една година, сепак, не е мал период и сè зависи од тоа како ќе се развиваат процесите.
– За една година може да се случат и да се сменат многу работи. Кога ќе дојде време, може да се размислува и за тоа прашање. Во овој момент сакаме со свои предлози за измена на изборната регулатива да дадеме придонес за демократизација на општеството, така што секој кој планира да се занимава со политика да може да го најде своето место. Тоа тешко може да се реализира ако остане овој изборен модел – вели Александрова.
Фракционерските превирања во ВМРО-ДПМНЕ се со постар датум, односно почнаа паралелно со долгиот процес на заминување на партијата во опозиција, кој се развлече дури половина година, со оглед на сите опструкции за избор на новиот претседател на парламентот и за формирање на владата на СДСМ и на ДУИ. Наспроти десетгодишното „челично единство и неприкосновена дисциплина“ во ВМРО-ДПМНЕ, првите поголеми несогласувања излегоа на површина пред смената на партиското кормило, кога дел од пратениците и поранешни функционери на партијата (Борис Змејковски, Трајко Вељановски, Антонијо Милошоски, Илија Димовски…) бараа одложување на конгресот во Валандово, каде што Мицкоски беше избран за лидер. Добар дел од таа фракција во последниот период е кооперативна со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемите превирања, сепак, се случуваа лани ова време, кога поранешни министри и функционери и актуелни пратеници почнаа да се противат на намерите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на референдумот за името. Сето тоа резултираше со неуспешен референдум, но и со уставни измени согласно Преспанскиот договор, за што „цената ја платија“ седум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои беа исклучени од партијата. Со операцијата метла беа опфатени поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и ексминистерот за здравство и за образование Никола Тодоров. Од партиски функции беа разрешени и Коста Богданов од реформаторското крило, а пратеничката Даниела Рангелова замина од челната позиција во Унијата на жени… Паралелно, се раслојуваше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која од 51 сега е сведена на 39 пратенички места.
Од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат тезите на партиското раководство дека иницијативата „Македонски концепт“ е проект на СДСМ. „Македонски концепт“ велат не е политичка партија, туку отворен граѓански активизам во кој може да се вклучат поединци, граѓански и политички организации, религиозни заедници… Александра М. Митевска