(Фото) „Мекдоналдс“ замина, љубовта кон брза храна остана… Во Москва турканици во „Вкусно и точка“

Пред 32 години, отворањето на првиот „Мекдоналдс“ во Русија значеше отворање на таа земја кон светот. И денешните редици пред новиот синџир за брза храна во Москва имаат симболично значење


Светскиот гигант за брза храна „Мекдоналдс“ се повлече од рускиот пазар како одговор на руската инвазија на Украина. Тие ги продадоа своите 800 ресторани на бизнисменот Александар Говор.
Во Москва денеска беа отворени првите ребрендирани ресторани, под името „Вкусно и точка“.

Логото на „Мекдоналдс“ е заменето со два стилизирани помфрити и точка која наликува и на стилизирана плескавица. Новите сопственици одржаа прес-конференција денеска во Москва, на плоштадот Пушкин, каде пред 32 години беше отворен првиот „Мекдоналдс“ во Русија, пишува Би-Би-Си. И тогаш и денес пред рестораните огромна толпа.

„Нашата цел е гостите да не ја почувствуваат разликата во квалитетот или амбиентот“, изјави Олег Пароев, директор на „Вкусно и точка“. Слоганот под кој работи синџирот за брза храна е „името се смени, но љубовта останува“.

Но, во толпата на отворањето имаше и демонстрант кој извикуваше „вратете го Биг Мек“.

Пред 32 години, по распадот на СССР, отворањето на „Мекдоналдс“ во Русија симболично го означи отворањето на поранешна комунистичка земја. Денешниот ден исто така симболично го опишува растојанието помеѓу Москва и западниот свет.