„Фокс њуз“ ја откажа емисијата на приврзаникот на Трамп, Лу Добс

„Фокс њуз“ ја откажа емисијата на Лу Добс, десничарски водител кој изнесе неосновани теории на заговор и беше еден од најжестоките поддржувачи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на американската телевизија.
Одлуката уследи откако технолошката фирма „Смартматик“ ги тужеше „Фокс њуз“ и Лу Добс за клевета заради промовирање лажни тврдења дека компанијата учествувала во измама на претседателските избори во ноември. „Смартматик“ побарува 2,7 милијарди долари, тврдејќи дека толкава била нивната загуба загуба во бизнисот заради лажните тврдења објавени на „Фокс њуз“, пренесува порталот СЕЕбиз.
„Како што изјавивме во октомври, ‘Фокс њуз медиа’ редовно преиспитува програмите и има планови за нови формати по изборите, вклучително и во ‘Фокс бизнис’“, изјави за АФП портпаролот на „Фокс њуз“.
Откажувањето на шоуто „Лу Добс вечерва“ е дел од тие планирани измени, рече портпаролот. „Наскоро ќе биде објавена нова програма од 17 часот.
Неговата емисија имаше најголема гледаност на поврзаниот канал на „Фокс њуз“. Во просек, секоја вечер емисијата ја гледале 300.000 гледачи.
После победата на Џо Бајден на претседателските избори, домаќинот неуморно ги пренесуваше обвинувањата за масовна изборна измама што дошле од таборот на Трамп, вклучително и обвинувања за „корупција и нерегуларности“ без да се наведат докази.
Во своето шоу го покани Сидни Пауел, член на правниот тим на Трамп, кој неосновано тврдеше дека машините за броење гласовите на Трамп му ги припишувале на демократот Бајден.
Десничарскиот водител исто така беше меѓу првите кои ја поддржаа теоријата на заговор „извод од матичната книга на родените“ дека поранешниот американски претседател Барак Обама не е роден во САД и затоа не може да ја извршува таа функција.
Водитело (74), е на телевизија речиси четири децении, вклучително и една декада во шоуто „Лу Добс вечерва“.
„Лу Добс е и беше одличен“, рече поранешниот претседател Трамп. „Никој не ја сака Америка повеќе од тебе Лу. Имаше бројни и лојални поддржувачи кои внимателно ќе го следат неговиот следен чекор, а тие следбеници ме вклучуваат мене.”