Флегер: Договорот од Преспа е дипломатско решение за доброто на регионот и Европа


Две суверени држави, два народа решија заедно да надминат долгогодишен проблем за доброто на регионот и Европа, вели конзулот на САД во Солун, Грегори Флегер во интервјуто за информативниот портал „GRTimes“, говорејќи за Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Ја поддржуваме идејата на Договорот од Преспа како дипломатско решение на долгогодишен проблем меѓу две суверени држави, два народа кои решија заедно дека треба да го надминеме ова прашање за поголемо добро, за доброто на регионот, но исто така и за доброто на цела Европа. Οва Вашингтон го поддржува и сме многу јасни за тоа, вели американскиот конзул во Солун и додава дека договорот и покажа на американската администрација „колку стратешки, способен и стабилен сојузник е Грција во регионот“.

Во однос на реакциите во северниот дел на Грција, Флегер вели дека тој видел „колку емоционално и историско е прашањето во северна Грција“ и додава дека „тоа е тешко да го разбереш ако не си пораснат овде во Македонија“.