Финска ќе произведува кафе од лабораторија
Во иднина, љубителите на кафе ќе може да го пијат овој пијалок произведен во Петриева чинија (плиток сад што биолозите го користат за клеточни култури), а не на плантажа, велат финските научници.
Според нив, тие се надеваат дека успеале да произведат одржливо кафе во лабораторија.
„Навистина е вистинско кафе, бидејќи во овој производ нема ништо освен – кафе“, вели Хајко Ришер, од Финскиот институт за технички истражувања VTT, покажувајќи сад полн со кафеав прав, пренесуваат медиумите.
Тој и неговите колеги од Финскиот институт веруваат дека со производството на овој вид кафе ќе се избегнат бројните еколошки проблеми предизвикани од масовното производство на еден од најпопуларните пијалоци во светот.
Нивното кафе не се меле од зрна, туку се одгледува од група делови од растението кафе во строго контролирани услови во биореактор. Кога ќе се испече, прашокот може да се подготви токму на ист начин како и обичното кафе, пишуваат медиумите.