Филипче осум пати ѝ одговорил на Димитриеска-Кочоска за кредитот од Светска банка, таа порачува „нејасни се многу аспекти“


Допоолнителната заменик-министерка вели дека останува на ставот да не го потпише договорот за заем од Светска банка во износ од 90 милиони евра

Мирче Јовановски

Од Министерството за здравство дури осум пати ѝ одговориле на дополнителната заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на нејзините прашања во врска со кредитот од Светска банка во износ од 90 милиони евра, од кои најголемиот дел е наменет за здравството. Ова денес го кажа министерот Венко Филипче одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција, не криејќи го разочарувањето од ваквиот однос на дополнителната заменик-министерка. Димитриеска-Кочоска, пак, преку Фејсбук се огласи со повеќе прашања на коишто не добила одговор во врска со трошењето на средствата и за некои од ставките во договорот, кои се однесуваат на ангажирање експерти, набавка на дронови итн. Таа останува на оддлуката да не го потпише договорот за заем.

„Навистина жалам затоа што дополнителната заменик-министерка не го потпишува заемот. Имавме прашања од нејзина страна на кои што одговоривме осум пати“, рече Филипче појасни дека станува збор за помош, односно кредит од Светска банка за поддршка на здравствените системи, којшто до сега го зеле повеќе од 100 земји.

„Тоа е таканаречена итна и брза помош, односно итен и брз кредит, а ние веќе два месеци одговараме на прашањата на дополнителната заменик-министерка“, рече Филипче.

Тој појасни и за што се наменети најголемиот дел од средсвата на овој кредит.

„Парите ќе бидат наменети за опремување на инфективните одделенија ширум државата, за опремување на сите одделенија за интензивна нега ширум државата, за кревети, респираторни машини, аспиратори, перфузори, инфузомати, за мобилни рентген апарати, за комјутерски томографи…, сѐ што значи квалитетен третман на пациентите“, рече Филипче.

Тој додаде дека не може да ја сфати причината зошто се прави тоа, но последицата е сериозен хандикеп на здравствениот систем и тоа во ситуација кога многу земји во светот преземаат вакви мерки.

„Ова се случува кога не знаеме што нѐ чека на есен, кога сите земји предвидуваат уште еден посилен бран, сега има пораст на случаи во сите околни земји, ја имаме оваа шанса да добиеме брз кредит, а имаме ваков проблем“, резигнирано одговори министерот Филипче.

Проблемот којшто трае веќе два месеци вчера се најде и на владина седница на која како заклучок произлезе барањето на Владата за однесувањето на Димитриеска-Кочоска да се произнесе Државната изборна комисија, односно дали оваа опструкција е во спротивност со Законот за Влада и работењето на техничката, односно преодната влада.

Вчера Владата соопшти дека со цел да се одблокира потпишувањето на договорот со Светска банка за поволен заем во висина од 90 милиони евра од страна на Гордана Димитриеска-Кочоска, организираше расправа на која како гостин учествуваше и претставничката на нашата земја во Светска банка, Нина Фити-Неделковска. Според владинот соопштение таа објаснила дека одолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и нашата земја, особено во делот на исклучително доброто искуство во финансиската поддршка на социјалните и општествено одговорните политики во последните неколку години.

Покрај зајакнување на капацитетите на здравството за справување со Ковид-19, односно за набавка на медицинска опрема, дел од средстваата се наменети и за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност.

Меѓутоа, ваквите аргументи не ја премислија Димитриеска-Кочоска. Таа денес на Фејсбук напиша дека секогаш тргнува од интересот на граѓаните и дека нејзината намера, како што вели, е да се изнајде начин ним да им се помогне.

Во подолгиот статус на Фејсбук, таа вели дека до сега потпишала кредитно задолжување за над една милијарда евра, што покажува дека не ги кочи работите.

„Не можам да говорам за начинот на кој оваа Влада ги носи одлуките, но еве јавно ќе прашам, дали 90 милиони евра, кои патем претставуваат наменски средства, што значи единствено треба да се трошат според утврдената намена, треба да се одобрат без притоа да се дадат податоци за секоја од намените и за тоа како се утврдил предвидениот износ“, вели таа.

Притоа, набројува повеќе забелешки, односно прашања на кои не добила одговор, како на пример, дека во овој наменски кредит, кој за цел има брз одговор на Ковид-19, е предвидено ретроактивно финансирање до 30 отсто од вкупниот кредит, или 27 милиони евра за трошоци настанати од 1 февруари.

„Податоци за тоа кои се овие трошоци нема! Првиот случај со инфициран од Ковид 19 во Македонија е подоцна од 1 февруари, но и за тоа нема објаснување!“, вели Димитриеска-Кочоска. Таа, исто така, вели дека не добила одговор на прашањето „која е оправданоста на трошок од 800 илјади евра, од кои 360 илјади евра за ангажирање на експерти и остатокот за обука на медицинскиот кадар“, исто како и за тоа како се оправдува итноста на надградбата на системот „Мој термин“ што се предвидува во временска рамка од 8,5 месеци, а чини 200 илјади евра. Таа забележува дека има неусогласување на износите за набавка на медицинска опрема во Планот од СБ и планот на Министерство за здравство, за што не добила одговор, а не ѝ е јасно и која е потребата од набавка на дронови.

„Со оглед дека веќе е донесена Уредба со која се предвидува доделување на поддршка со платежни картички, а со цел купување на производи за храна и основни средства, во однос на моето прашање за потребата од 830 илјади евра за доделување на пакети за храна, одговор нема!“, вели Димитриеска-Кочоска, која забележува зошто не била викната на преговорите со Светска банка кои се воделе цел месец без неа.

Таа, исто така, вели дека се преговарало речиси еден месец пред да се побара нејзин потпис.

„На прашањето зошто не ме вклучија претходно, се разбира дека нема одговор, а притоа, проблем е ако барам податоци за намената и оправданоста. Тоа не се пари кои Владата треба да ги врати од приватниот фонд на СДС, тоа се пари кои граѓаните на Македонија ќе ги враќаат…“, вели таа при што се пожали дека и претходно од неа не се барало одобрување за задолжувањето од 13.800.000 евра, преку Светска банка во однос на договорот за заем за финансирање на проектот за администрирање на социјалното осигурување (во февруари).

„Патем јас и тогаш бев дополнителен заменик-министер! Има ли оваа Влада принципи, знае ли кој за што и кога е надлежен?“, прашува Димитриеска-Кочоска.

„Независен“ веќе пишуваше дека сличен заем пред десетина дена ѝ е одобрен и на  Србија во износ од 100 милиони евра кои ќе се искористат „за воспоставување станици за брзо тестирање на патниците и зголемување на капацитетот за тестови на Ковид-19 од 7.000 на 9.000 на ден“.

Заемот ќе финансира до 12 станици за брзо тестирање на патници кои влегуваат во Србија, по една на аеродромите во Белград и Ниш, како и уште десет контролни пунктови на други гранични премини. Покрај тоа, заемот ќе финансира две регионални лаборатории во Клиничкиот центар на Војводина и Клиничкиот центар во Крагуевац, кои ќе можат да обработуваат 1.000 примероци на ден, или приближно 130 тестови на ден на 100.000 жители.

Со парите, Србија ќе набави дополнителна заштитна опрема, ќе осигури дека лабораториите што тестираат за Ковид-19 се поврзани со единствен електронски систем, како и дека ќе се зајакнат единиците за интензивна нега и единиците за изолација. Сепак, од таму немаше информации за било какви забелешки од страна на опозицијата или од стручната јавност.