Филипче: За стекнување колективен имунитет, потребна е вакцинација и на прележаните
За институциите нема одлука за воведување посебни мерки за заштита од Ковид-19, па така најновите мерки кои се донесени, не се однесуваат на организирани настани, семинари, конференции, каде има протоколи и тие се почитуваат. Забранети се свадбите и прославите, каде луѓето се собираат и не внимаваат на пропишаните мерки.
– Ја користам можноста да апелирам до раководителите на сите институции и државни и приватни да ги мотивираат своите вработени, посебно тие институции кои работат со голем број луѓе тие вработени да се вакцинираат – рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Сепак, нагласи Филипче, може да се организираат состаноци, конференции, семинари и работилници за кои има протоколи и за влез во такви објекти во затворено ќе биде неопходно да се даде сертификат за вакцинација.
– Многу веројатно е дека овој механизам ќе бара една координација и ќе отвори многу предизвици и прашања и затоа ќе се координираат институциите кои треба сето тоа да го конторлираат. И досега беше во ингеренциите на инспекторатите да се контролира почитувањето на протоколите и колкав капацитет е пополнет од една просторија. Оваа недела ќе ги направиме тие координации за секој да си ги знае своите ингеренции. Задолжени се сите институции каде се организираат такви настани да имаат редарска служба која ќе ги бара тие сертификати и понатаму контролата преку инспекторатот – вели Филипче.
Во однос на стекнувањето колективен имунитет, министерот апелира да се вакцинираат сите, што помасовно, дури и оние прележаните и тоа со две дози вакцина.
– Нема стекнување на колективен имунитет само заради прележување на болеста, тоа е недоволна количина антитела имунитет којшто штити и тоа е докажано во повеќе публикации и не е сосем доволно да се вакцинирани после прележување граѓаните само со една доза на вакцина. За тоа нема доказ во медицината, во истражувањата, во публикациите дека ствара доволна количина на имунитет. Значи без разлика на тоа дали граѓаните прележале или не прележале болест, единствен начин да се стекне колективен имунитет, а сега со ова ширење на делта сојот треба во уште поголем процент да се вакцинираме – вели Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.
Смета дека сосема навремено ги предлагаат сите мерки и дека најавувале повеќе месеци наназад дека ќе ги воведат и го чекале моментов кога за тоа е соодветно. Појасни дека и кога минатата недела почна евидентниот раст, тогаш кога се зголеми и бројот на пациенти кои се хоспитализирани сметаат дека е добар период кога доаѓаат и месеци кога поголем број луѓе ќе бидат во затворено да се предложи ваква мерка.
– Во таа смисла се и овие координативни состаноци за подготовка на здравствениот систем, сите овие механизми со ротација на кадар, обезбедување распоред на здравствени установи кои би примале пациенти итн. Ние не мжеме да предвидиме дали овој раст ќе продолжи или ќе запре. Се надеваме дека ќе запре заради тоа што сепак имаме одредена бројка на вакцинирано население, околу 500.000 граѓани кои се вакцинирани и следниве недели ќе бидат ревакцинирани. Сметаме дека тоа може да го успори растот. Раст има и во другите земји, меѓутоа мора да ги преземеме овие мерки сега и тие се навремено преземени. Мислам дека ова ќе даде добри резултати со цел другите процеси кои треба да почнат од есенските месеци, на пример училиштата да почнат како што посакуваме, рече Филипче.
Податоците од анкетите, нагласи, покажуваат дека имаме проблем таму каде мерките не се почитуваат и сега за тие затворени простории имаме соодветни протоколи кои очигледно не се почитувале и затоа имаме еден ваков проблем. Посочи дека сепак луѓето планирале одредени настани и сметаат дека една недела до 16 август е разумен период ако треба да ги поместат, да ги одложат малку за да имаат време да се организираат.
Во врска со опфатот со вакцинацијата на наставниците, истакна дека засега е околу 60 проценти.
– Имаме секојдневна комуникација со Министерството за образование и наука кое често ги комуницира директорите на училиштатата за да тие ги мобилизираат своите вработени. Ќе видиме каков ќе биде одговорот до крајот на оваа недела. Ако продолжи со оваа динамика верувам дека висок процент на вработените и во МОН во делот на училиштата и во градинките ќе бидат опфатени со вакцинацијата. Во двата сектори сега е околу 60 проценти, додаде Филипче одговарајќи на новинарски прашања.