Филипче: Никој не верува дека нема пари за зголемување на платите на наставниците
Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати, смета лидерот на опозицијата Венко Филипче, кој денеска организираше протест на наставниците пред просториите на МОН.
– Денес сум тука во поддршка на наставниците и просветните работници кои дојдоа да испратат порака на незадоволство од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине политиката на раст на плати. Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати, понижени и запоставени изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ни ги учат и воспитуваат децата. Оправдувањата дека нема пари во буџетот се неприфатливи. Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори, тврди Филипче.
– Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12%. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму. Буџетот има пари, но платите не се приоритет. Ако имаше средства во времето на СДСМ, и тоа во најголемите светски кризи, здравствена, економска, енергетска како нема пари овој септември за да се покачат платите на просветните работници. Овој собир пред почетокот на учебната година е алармирање на власта за погрешните политики во образованието. Апелирам Владата да се соземе и сфати дека без редовно покачување на платите, во услови кога цените растат и тие не ги контролираат како тоа што го правеше СДСМ, животниот стандард ќе паѓа. Економијата нема да расте како што најавуваат и ќе создадат се потежок живот за граѓаните и работниците – вели Филипче.
Ангеловска: Власта да ги покачи платите
Наставничката Розалија Ангеловска на денешниот протест потенцира дека да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација.
– Учителот, наставникот, професорот, просветниот работник е огледало на воспитно – образовниот процес, клучна алка за подобро образование и воспитание на младата популација. Едно општеството може да оди напред само ако водиме грижа за зголемување на квалитетот на образованието – смета таа.

Вели дека просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес. Сакаат да бидат морално и материјално соодветно вреднувани, да работат во современи училишта, без казни и терор, со поголеми плати, и подобри услови за работа.
– Бараат да бидат вклучени во подготовките на сите реформски процеси, да го дадат својот придонес за образованието. Ако можеше за 7 години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува. Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12 отсто, рече Ангеловска.