Филипче: На граница да се бара негативен ПЦР или доказ за вакцина или прележан Ковид-19
По зголемувањето на бројот новозаразени со Ковид-19, денеска министерот за здравство Венко Филипче, рече дека ќе предложат за поминување на границата, без разлика дали се работи за наши граѓани или странци, да се бара негативњен ПЦР тест, или доказ за прележан Ковид-19 или вакцинација.
На овој начин ќе се регулира влезот и излезот од Македонија поради ширењето на корона вирусот, смета министерот за здравство Венко Филипче.
„За влез и за излез од Македонија за сите граѓани, без разлика дали се наши државјани или странци, да се бара негативен ПЦР тест, доказ за примена вакцина или доказ дека ја прележале болеста. Утре ќе знаеме дали и како би се имплементира оваа мерка“, рече Филипче.
Тој во денешната изјава за медиуми рече дека мерки за Тетово засега нема, а Комисијата за заразни болести разговарала да се намали работното време на објектите и намалување на капацитетите во автобусите. Но засега, овие мерки нема да се имплементираат.
– На состанокот кој утрово го одржавме заедно со директорите на клиниките дискутиравме за повеќе аспекти поврзани со менаџирањето на состојбата и капацитетите за прием на пациенти заболени со Ковид-19 вирусот, кои имаат потреба од клинички третман. Она што е неопходно е проширување на капацитетите за прием на пациенти и за таа намена од денеска се ставаат во функција „8. Септември“ и модуларната болница на КИБФС. Го менаџираме здравствениот систем и веќе се подготвени тимови за ротација на здравствен персонал според потребите на клиниките. Многу е битно да им помогнеме на медицинските лица при започнување на четвртиот еппидемиолошки бран, а тоа можеме да го направиме единствено со вакцинација. Вакцините може значително да го успорат процесот на проширување на вирусот, да влијаат на исходот од болеста и затоа, бидете одговорни во овој процес. Потребно е што повеќе луѓе да бидат вакцинирани за да се постигне солиден колективен имунитет – напиша Филипче на Фејсбук.