Филипче: Карантин од 14 дена за Авганистанците кои ќе дојдат во Македонија
Граѓаните кои ќе доаѓаат од Авганистан ќе треба да бидат во карантин 14 дена и дополнително ќе се оди на нивно вакцинирање.
– Да, разговаравме за тоа, а до Владата ќе препорачаме сите кои доаѓаат од Авганистан да бидат во задолжителен карантин од 14 дена и дополнитлно да се спроведе вакцинација кај нив. Се работи за мал број луѓе – вели министерот за здравство Венко Филипче, прашан дали ќе има посебни мерки за Авганистанците кои Македонија се нафати да ги прифати.
Инаку, вчера премиерот Зоран Заев изјави дека Северна Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилно население од Авганистан.
-Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан – рече Заев.
Како што потенцира тој, државата е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.
Претходно, поранешната државна секретарна на САД Медлин Олбрајт на „Твитер“ им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што се согласиле да им дадат засолниште на жените и децата на лидерите на цивилното општество.