ФИФА започна истрага за наводите за сексуална злоупотреба на Светското првенство за фудбалерки
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) покрена истрага по обвинувањата за сексуална злоупотреба во репрезентацијата на Замбија за време на Светското првенство за жени што се одржа во Австралија и Нов Зеланд. ФИФА најави строги казни доколку истрагата покаже дека обвиненијата се основани.
Неколку медиуми објавија дека селекторот на Замбија, Брус Мвепе е обвинет за сексуална злоупотреба, наводно допирајќи градите на фудбалерка пред натпреварот со Костарика, но ФИФА не објави детали од истрагата.
„Можеме да потврдиме дека обвинението што го добивме се однесува на репрезентацијата на Замбија и дека истрагата е во тек. Секое тврдење за несоодветно однесување го сфаќаме многу сериозно и постои јасна процедура за пријавување на такви случаи“, соопшти ФИФА.
Од Фудбалскиот сојуз на Замбија соопштија дека не добиле никаква пријава, ниту од фудбалерката, ниту од некој друг член на делегацијата што отпатува на Светското првенство.
„Затоа бевме изненадени кога слушнавме за наводното несоодветно однесување на тренерот, за што Гардијан објави во текст на својот онлајн портал“, изјави генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Замбија, Рубен Каманга, додавајќи дека сите тренинзи на тимот беа снимени.
За инцидентот не била информирана ниту полицијата на Нов Зеланд, која рекла дека не добила никаква пријава. Но, ни беше укажано на можен инцидент, по првичната истрага не беа преземени дополнителни дејствија“, изјави портпаролот на полицијата.
Тренерот Брус Мвепе е под истрага за наводни сексуални напади во последните месеци. Фудбалскиот сојуз на Замбија потврди дека истрагата е отворена, но дека никогаш не добиле никакви официјални жалби. Мвепе постојано беше испрашуван за време на прес-конференциите за време на ова Светско првенство за наводите за сексуална злоупотреба, но тврдеше дека сите наводи се лажни.
Замбија го заврши натпреварувањето во групата Ц со освојување на третото место со победата над Костарика (3:1), по двата убедливи порази од Јапонија (5:0) и Шпанија (5:0).