ФИФА ги одреди судиите за Светското првенство


Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) денеска го објави списокот на судии за Светското првенство 2026, по детален процес на селекција кој траеше повеќе од три години.

Такнаречениот „ФИФА Тим Еден“ е составен од 52 судии, 88 помошници судии и 30 ВАР судии, кои доаѓаат од сите шест конфедерации и 50 национални асоцијации, што претставува најобемен судиски тим во историјата на мундијалските турнири.

ФИФА објави дека изборот е направен според принципот „квалитетот на прво место“, земајќи го предвид континуитетот на добрите настапи на кандидатите во натпреварувањата на ФИФА, како и во меѓународните и домашните лиги.

Претседателот на судиската Комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, рече дека избраните судии се „најдобрите во светот“, нагласувајќи дека во текот на претходните три години биле под постојан надзор, учествувале на семинари и суделе на големи натпреварувања.

„Целта е сите судии да бидат во оптимална физичка и ментална состојба кога ќе пристигнат во Мајами на 31 мај“, рече Колина, истакнувајќи дека ќе имаат континуирана поддршка од фитнес тренери, медицински персонал и експерти за ментална подготовка.

Меѓу селектираните нема фудбалски судија од Македонија.

Во изборот се најдоа шест жени, со што продолжува трендот започнат на претходното Светско првенство 2022 во Катар.