Фејсбук го реши проблемот и се извини
Како што најверојатно и сами забележавте, Фејсбук вчера во текот на попладневните часови имаше проблеми со испраќање на фотографии и видео снимки.
Проблемот во најголема мера ги погоди корисниците ширум Европа и САД. Рано наутро од Фејсбук, на официјалниот Твитер профил, објави дека сите проблеми, кои во средата освен Фејсбук, ги имаа и корисниците на Ватсап и Инстаграм, успеале да ги решат.
„Приватните и деловните корисници имале проблем со прикачување или испраќање на фотографии, видео снимки и останати фајлови на нашите апликации и платформи. Проблемот е решен. Би требало да сме 100 отсто во функција за сите корисници. Се извинуваме поради непријатностите”, е наведено во објавата.
Ваквиот проблем беше забележан вчера попладне и истиот траеше неколку часа. Сајтот „Downdetector” наведува дека проблемите се појавиле околу 15 часот по средноевропско време.
Корисниците во коментари забележаа дека ваквите случаи, во последно време, кога се во прашање платформите на Фејсбук, се сè почести. Исто така, корисниците се жалеа дека директните пораки доцнат или не можат да се испратат.