ФДА одобри итен третман на Ковид-19 со антитела

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри итниот третман на Ковид-19 со антитела, што е дел од терапијата што ја доби и претседателот Доналд Трамп.

Третманот со антитела произведен од фармацевтската компанија „Реџенерон“ се користи кај лесна до умерена клиничка слика на пациенти со Ковид, возрасни и стари лица и некои деца кои се изложени на ризик од влошување на нивната состојба, наведува Гласот на Америка.

Компанијата соопшти дека очекува лекот да биде готов за околу 200.000 пациенти до крајот на јануари.

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“ соопштија дека поднеле барање за итно одобрување од Агенцијата за храна и лекови за дистрибуција на вакцината и најавија дека ќе започнат со дистрибуција веднаш штом ќе ја добијат.

Компаниите соопштија дека нивната вакцина е ефикасна во 95 проценти од случаите и дека нема сериозни грижи за нејзината безбедност.

Американскиот секретар за здравство Алекс Ејзар рече дека Агенцијата за храна и лекови може да одобри итна дистрибуција на вакцината во следните недели.

Во исто време, Универзитетот Џонс Хопкинс објави дека 12 милиони луѓе во САД биле заразени со коронавирус.

– Време е да ги повикаме сите Американци да бидат повнимателни, рече Дебра Брикс, член на работната група на Белата куќа за корона вирус.