„Фајзер“ го преместува производството од Белгија во Романија


Италија – Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека има намера да пренесе дел од своите производствени погони од Белгија во Романија, каде цената на работната сила е пониска, пишува италијанскиот весник „Ил фато Котидијано“.

Весникот наведува дека поради тоа 38 од 238 вработени ќе останат без работа.

– Тоа е уште една шлаканица за милиони граѓани на Европската унија кои бараат социјална правда, а не деловно лукавство, изјави европратеничката Даниела Рондинели, член на Движењето Пет Ѕвезди.

Белгиските синдикати исто така реагираа на одлуката на американската компанија да го премести производството таму каде што работната сила чини помалку, а со тоа се зголемува и профитот.

– Тоа е невидена срамота. Благодарение на европските фондови за пронаоѓање на вакцината против Ковид-19, „Фајзер“ минатата година заработи 3,3 милијарди евра, а најавува дека профитот годинава ќе биде околу 15 милијарди. Во последниве месеци, вработените во Фајзер работеа во двојни смени за да ги произведат потребните анти-ковид вакцини. После се, отпуштањата се удар во стомакот на работниците, рече генералниот секретар на белгискиот синдикат АЦВ, Барт Декулиер.

Американската компанија „Фајзер“ ја разви вакцината против Ковид-19 заедно со германската компанија „Бионтек“.

Брзиот развој на лекот беше можен благодарение на големите инвестиции во истражувањето, околу 2,5 милијарди евра, а само од ЕУ добија 400 милиони евра во раната фаза на истражувањето.