Еврокомисијата најави такса од две евра за секоја мала поштенска пратка што влегува во ЕУ

Еврокомесарот за трговија и економска Марош Шефчович најави воведување на такса во висина од две евра за сите мали пакети со нарачани производи во вредност помала од 150 евра што пристигнуваат во ЕУ преку пошта, а кои се ослободени од плаќање царина.
– Станува збор за две евра по пакет нарачани преку онлајн платформите, изјави Шефчович пред Европскиот парламент во Брисел.
Според податоците, во ЕУ минатата година пристигнале околу 4,6 милијарди пакети со купени производи онлајн, што во просек претставува влез на 145 пратки во секунда. Речиси 91 отсто од овие пратки во ЕУ пристигнале од Кина.
– Средствата од ова такса од две евра би служеле за финансирање на царинските управи, кои во моментов се преоптоварени, рече Шефчович.
Еврокомисијата во февруари најави дека ќе ја преиспита одлуката од 2010 година за ослободувањето од царински давачки на ваквите пратки, поради ризикот со нив во ЕУ да се увезат „опасни и еколошки штетни производи“.
Дополнително, според ЕК, ваквата се пораспространета онлајн трговија со евтини производи од странство, пред се од Кина, доведува до нарушување на принципите на конкурентност, бидејќи овие производители не подлежат на обврските на ЕУ што им се наметнати на европските трговци и мали и средни претпријатија.