Еврокомисијата ќе ја претстави буџетската рамка на ЕУ за по 2027 година


Европската комисија денеска треба да го усвои Предлогот за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на ЕУ за периодот од 2028 до 2034, која според најавите ќе изнесува 1.717 милијарди евра. 

По усвојувањето на Рамката, еврокомесарот за буџет Пјотр Серафин попладнево ќе ги брифира европратениците за нејзината содржина, по што следниот седумгодишен буџет на ЕУ на прес-конференција ќе го презентира претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.  

Според расположливите информации, од вкупните буџетски средства на блокот за периодот 2028-2034, 522 милијарди евра ќе бидат наменети за поддршка на европската економија, од кои над 300 милијарди евра за најавениот Европски фонд за конкурентност, а значителна сума ќе биде одвоена и за истражувања и иновации. 

Најавите дека 522 милијарди евра ќе бидат наменети за економскиот сектор, медиумите во Брисел ги оценуваат како „победа“ на извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне, бидејќи со тоа тој би добил на располагање значителна сума за поттикнување на економската конкурентност. 

Создавањето на Европскиот фонд за конкурентност, според оценките на Еврокомисијата, е од суштинско значење доколку ЕУ сака економски „да одржи чекор“ со Кина и САД. 

На сметка на зајакнувањето на конкурентноста, се предвидува редуцирање на финансиите за кохезивните фондови, за кои досега се одвојуваа речиси една третина од буџетските средства. Со новиот предлог, се очекува за програмите за кохезија да бидат одвоени нешто над 300 милијарди евра, пред се наметни за поддршка на посиромашните региони во ЕУ. На ваквиот начин значително ќе се намалат средствата што досега ги добиваа регионалните власти ширум блокот. 

Сепак, од вкупните 1.717 милијарди евра, по околу 30 милијарди евра годишно ќе треба да се одвојат и за сервисирање на јавниот долг на ЕУ создаден од позајмиците за финансирање на Фондот за закрепнување на земјите членки од последиците на пандемијата на Ковид-19. 

Инаку, паралелно со презентација на новата повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ, за попладнево во Брисел е најавен протест на неколку здруженија на земјоделците во знак на незадоволство поради плановите за намалување на земјоделските субвенции и за префрлање на надлежноста за распределба на средствата за земјоделски програми на националните власти на земјите членки на ЕУ. Организаторите на протестот најавија дека е предвиден „симболичен марш“, кој ќе започне од пред Европскиот парламент и ќе заврши пред зградата на Европската комисија.