Еврокомисијата и Фон дер Лајен се соочуваат со ново гласање за недоверба


Гоелми маки за Урсула фон дер Лајен

Европратениците денеска на стартот на овонеделното парламентарно заседание во Стразбур ќе расправаат по двете иницијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен предложени од десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ) и од екстремно левичарската Левица, по што в четврток одвоено ќе гласаат по предлозите.

Ова е второ гласање за недоверба на Еврокомисијата за помалку од три месеци, откако во јули европратениците ја отфрлија сличната иницијатива на романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа.

ПФЕ оценува дека Еврокомисијата и нејзината претседателка доживеале неуспех по прашањата за мирот, трговијата, конкурентноста и миграцијата, како и дека се покажале немоќни да се справат со предизвиците со кои се соочува на ЕУ на меѓународната сцена.

Главните забелешки на Патриотите на работата на Еврокомисијата се однесуваат на двата трговски договори – со земјите од Меркосур и со САД. Според групата, трговскиот договор со латиноамериканските земји членки на организацијата Меркосур претставува „предавство“ за земјоделците и животната средина во ЕУ, а договорот со САД – капитулација на „разоружената и дискредитирана“ Европска Унија.

Во иницијативата на Левицата, исто така, се критикуваат трговската политика на ЕУ и договорите со САД и Меркосур како „штетни за европските интереси“ и како потенцијален ризик „европските земјоделци и работници да бидат изложени на нелојална конкуренција и да бидат поткопани климатските цели на ЕУ“. Левицата дополнително забележува и за „неуспехот на Комисијата“ да реагира на „прекршувањата на меѓународното и хуманитарното право во Газа“ и оценува дека таа го игнорира и израелското кршење на меѓународното право и не презема ништо против Израел, за разлика од мерките преземени против Русија.

За да бидат прифатени, иницијативите треба да добијат поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници или во моментов најмалку 360 гласа.

„За“ предлогот на Пипера во јули се изјаснија 175 европратеници, 360 гласаа „против“, а 177 беа „воздржани“, но проценките се дека сега бројот на членовите на ЕП кои ќе се изјаснат за недоверба на Еврокомисијата ќе биде многу поголем, иако тоа нема да биде доволно за поддршка на иницијативите.

Се проценува дека во идеално сценарио една од иницијативите за недоверба в четврток би можела да добие поддршка од најмногу 305 пратеници, што сепак не би било доволно за нивно усвојување.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен упати писмо до персоналот на ЕК од понеделник оние кои извршуваат помалку важни функции да работат од дома „онлајн“.

Се очекува речиси сите европратеници од редовите на т.н. проевропско мнозинство – десно центристичката Европска народна партија (ЕПП), лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), да се изјаснат против иницијативите за изгласување недоверба, иако се почесто се критички настроени кон работата на Еврокомисијата и на самата Фон дер Лајен.

Дополнително меѓу европратениците преовладува мислењето дека ЕК се обидува „да го заобиколува“ Европскиот парламент и да протуркува иницијативи и регулативи потпирајќи се првенствено на Советот на ЕУ, односно на земјите членки.

Несогласувања со политиките на Фон дер Лајен има и во редовите на нејзината Европска народна партија. Извори во ЕПП посочуваат дека се повеќе се соочуваат со „растечко противење“ на работата на ЕК од страна на националните партии членки, но дека сепак нејзините европратеници нема да гласаат за иницијативите за недоверба.

Социјалдемократите, исто така, се почесто имаат забелешки на работата на Фон дер Лајен, како во однос на отстапување од некои мерки поврзани со зелената транзиција и правата на работниците, така и поради соработка со десничарските групи. Сепак се очекува огромно мнозинство од пратениците на СД да гласаат против иницијативата за недоверба на Еврокомисијата, во која има и четворица еврокомесари од нивните редови, во интерес на одржување на стабилноста на институциите на ЕУ.

Од истите мотиви, против иницијативите се предвидува дека ќе се изјаснат и либералите, затоа што, според извори во нивните редови, „не сакаат да учествуваат во дестабилизирачки игри“.

Од друга страна се очекува дека за недоверба на ЕК би гласале пратеници на трите десничарски групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриоти за Европа (ПФЕ) и Европа на суверени нации (ЕСН) и на Левицата, како и дел од членовите на Европскиот парламент кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група.

Не е исклучено за иницијативите да се изјаснат и одделни пратеници, па дури и цели национални делегации од редовите на социјалдемократите, кои се незадоволни од трговската политика на ЕК, нејзиниот однос кон случувањата во Газа и „разводнувањето“ на климатските цели предвидени со Зелениот договор.

Дополнително иницијативите би можеле да добијат поддршка и од дел од европратениците од групата на Зелените, кои на гласањето во јули не присуствуваа на седницата или беа воздржани. Тие, како и предлагачите на иницијативите. се незадоволни од трговските договори на ЕУ со САД и земјите од Меркосур, за кои сметаат дека се штетни по напорите за заштитата на животната средина.

Сепак, копретседавачот на Зелените, германскиот европратеник Ерик Марквард, изјави дека иако „постојат многу добри причини да се критикува Урсула фон дер Лајен“, сепак тоа не значи дека нејзиниот евентуален наследник би бил нужно подобар.