Еве каде акционерите на Стопанска банка Битола може да потпишат изјава за прифаќање на понудата на Комерцијална банка


Фото: Б. Грданоски

Писмена изјава за прифаќање на понудата која Комерцијална банка ја објави за преземање на Стопанска банка Битола може да се потпише во централата на Комерцијална банка и во нејзините филијали, извести Комерцијална банка. 

Од таму посочуваат дека имателите на акции од Стопанска банка АД Битола може да ја потпишат писмената изјава во периодот до 22.09.2024 година, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

„Во врска со понудата за преземање на сите акции од Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје, упатуваме на точка 5.2.1 од проспектот, каде помеѓу останатите детални податоци на процедурата за прифаќање на понудата согласно член 38 од Законот за преземање на акционерските друштва уредено e дека имателите на акции од Стопанска банка АД Битола може да ја потпишат писмената изјава за прифаќање на понудата во просториите на Комерцијална банка, со седиште на ул. Васил Иљоски бр. 3, како и во нејзините филијали низ Републиката.

Писмената изјава може да се потпише во периодот од 26.08.2024 година до 22.09.2024 година, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот“, се вели во објавата на официјалната интернет страница на Комерцијална банка.