ЕУ воведува нови стандарди за заштеда на енергија и пониски сметки за струја

Европската Унија воведе нови стандарди за ограничување на потрошувачката на енергија од страна на електричните апарати, чија цел е заштеда на струја и пониски сметки за потрошувачите, информира денеска портпаролката на ЕК за климатска акција и енергија Ана-Кајза Итконен.
– Ажурираните ограничувања за потрошувачка на енергија на електричните апарати во режим на подготвеност почнаа да се применуваат низ цела ЕУ на 9 мај, истакна Итконен.
Според неа, овие правила ќе се применуваат на новите производи, како Ви-Фи рутери и безжични звучници, пласирани на пазарот во ЕУ по 9 мај.
Ваквите мерки се воведени поради фактот дека повеќето електрични апарати сѐ уште користат електрична енергија, дури и кога се исклучени или во режим на подготвеност.
Се проценува дека овие мерки ќе и овозможат на ЕУ да заштеди годишно 4 терават часови електрична енергија до 2030 година, што е речиси двојно повеќе од годишната потрошувачка на струја на Малта и доволно за напојување на повеќе од еден милион електромобили.
Со овие мерки се очекува емисиите на јаглерод диоксид да се намалат за 1,4 милиони тони, како и да им се овозможи на европските домаќинства вкупна годишна заштеда од 530 милиони евра поради пониските сметки за струја.