ЕУ со остра критика за локалните избори во Грузија

Европската унија остро ги критикуваше локалните избори одржани во Грузија за време на викендот.
Гласањето се одржа во саботата по период на сеопфатно задушување на неистомислениците, се наведува во заедничката изјава на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
– Месеци рации врз независните медиуми, донесувањето закони насочени кон граѓанското општество, затворањето на дисиденти и активисти или измените на изборниот закон што ја фаворизираат владејачката партија, драстично ја намалија можноста за конкурентни избори, наведуваат двете европски политичарки.
Голем дел од опозицијата ги бојкотираше овие избори, а излезноста беше релативно ниска, оценија тие.
Денот на изборите во земјата инаку беше одбележен со судири и протести.
Поради можноста за нови масовни протести против владата, Калас и Кос повикаа на воздржаност. Тие ги повикаа грузиските власти да ги почитуваат правата на граѓаните на слобода на собирање и изразување.
Во главниот град Тбилиси, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во саботата веднаш по гласањето за да протестираат против авторитарното свртување на политиката на владејачката партија „Грузиски сон“.
Според Министерството за здравство, 21 полицаец и шест демонстранти беа повредени во немирите. Безбедносните сили уапсија неколку организатори на протестите. Премиерот Иракли Кобахидзе ги опиша немирите како обид за државен удар.
Неколку стотици демонстранти вчера се собраа пред зградата на парламентот во Тбилиси, според извештаите на медиумите. До синоќа немаше пријави за инциденти. Министерството за внатрешни работи ги предупреди демонстрантите да не „продолжуваат со акциите“ од претходната ноќ и се закани со жесток одговор.
Грузија е во политичка криза од оспорените парламентарни избори пред една година.
Партијата „Грузиски сон“ се прогласи за победник на изборите, што ги натера прозападните опозициски партии да го бојкотираат работењето на Парламентот. Кога Кобахидзе подоцна ја суспендираше уставно загарантираната цел на Грузија за интеграција во ЕУ, тоа предизвика масовни протести во Тбилиси и други градови.