ЕУ се согласи да ја зголеми целта за намалување на емисиите во 2030 година на 55 проценти
Лидерите на ЕУ27 се согласија да ги намалат емисиите на јаглерод за најмалку 55 проценти до крајот на деценијата, во споредба со нивото од 1990 година, што е голем чекор напред од сегашната цел.
– Европа е лидер во борбата против климатските промени, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
– Одлучивме да ги намалиме емисиите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина за најмалку 55 проценти до 2030 година, додаде тој.
Договорот доаѓа по повеќе од 10 часа преговори кои траеја од синоќа до рано утрово.
Зголемувањето од сегашната цел од 40 проценти беше предложено од Европската комисија во септември и наиде на отпор во некои држави на ЕУ, како Полска која зависи од јаглен.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави договорот.
– Новата цел нè става на јасен пат кон неутралност на климата во 2050 година, рече таа.
Европскиот парламент, кој и самиот се залага за малку повисока цел, мора да ја одобри новата одлука.