ЕУ му порача на Џонсон да престане да се преправа дека преговара за Брегзит
Преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние му порача на британскиот премиер Борис Џонсон да престане да се преправа дека преговара за договор за Брегзит.
Изјавата доаѓа по извештаите дека предлозите донесени во Брисел од страна на британските преговарачи се всушност дел од стариот договор, при што делот за ирскиот „бекстоп“ бил едноставно прецртан во текстот.
– Речиси три години по референдумот во Велика Британија за напуштање на ЕУ, мислам дека не треба да трошиме повеќе време, преправајќи се дека преговараме. Мислам дека треба одлучно да да продолжиме напред, изјави барние пред Европскиот парламент.
Тој уште рече дека ЕУ е отворена за каков и да е предлог од Велика Британија и дека се подготвени за деноноќна работа за да се постигне прогрес.
– И ако Велика Британија замине без договор, би потсетил дека овие прашања нема да исчезнат. Тие се регулирани со договорот за повлекување, опфатени се – но сепак остануваат. Без разлика дали зборуваме за мирот во Ирска, правата на граѓаните, буџетските прашања, сите тие треба да се решат, потенцираше Барние.