ЕУ досега не доставила никаква формална понуда до САД околу царините


ЕУ досега нема доставено никаква формална понуда до САД за ништо, а во моментов само се разговара за областите за кои веруваме дека потенцијално би можеле да дојдеме до договор, изјави портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил во одговор на новинарско прашање поврзано со медиумски извештаи дека Унијата како компромис за договор со Вашингтон за царините нуди да купува повеќе американски стоки. 

– Целосно сме вклучени во разговори со САД од кои, сосема јасно, претпочитан исход е постигнување решение. Нема да даваме коментари за преговорите што се водат, но апсолутно сме посветени на постигнување договори со САД што ќе биде во интерес на двете страни, рече Гил. 

Според него, ЕУ е подготвена за поголема трговска соработка со Вашингтон и оценува дека има добар потенцијал за зголемување на увозот од САД на некои производи, како енергенси и одредени земјоделски производи, на пример, соја. 

– Така што тука нема ништо ново. Потенцијалното зголемување на нашиот увоз од САД, до одреден степен би придонело за намалување на трговскиот и стоковиот суфицит што го имаме, истакна Гил. 

Тој додаде дека ЕУ смета оти царините не се добри за неа, за САД и за глобалната економија, па затоа презеде иницијатива не само за нивно намалување, туку, онаму каде што е можно, и за целосно укинување. 

– Има одлична понуда на маса. Ајде да разговараме за тоа, порача Гил, додавајќи дека ЕУ не нуди целосно укинување на царините со САД, туку само за некои стоки и дека секогаш ќе презема мерки за заштита на своите индустриски гранки погодени од геополитичките предизвици и поврзаните трговски влијанија. 

На прашање како ЕК има намера да влијае на зголемувањето на увозот од САД, кога понудата и побарувачката зависат од пазарните услови, главната портпаролка на Комисијата, Паула Пињо изјави дека Унијата располага со повеќе опции, како на пример мерката од нула отсто царини за индустриските стоки.  

– Се разгледуваат сите опции, сите сценарија, што ќе им бидат презентирани на нашите американски соговорници, истакна Пињо.