„Ербас“ се откажа од купување титаниум од Русија


 

Европската корпорација за производство на авиони „Ербас“ ќе се откаже од рускиот титаниум во рок од неколку месеци. Ова, според Ројтерс, го соопшти шефот на одбранбеното и вселенското одделение на „Ербас“ Мајкл Шолхорн.

„Ние сме во процес на прекинување на врските со Русија кога станува збор за титаниумот. Тоа е прашање на месеци, а не на години. …Во моментов, ‘Ербас’ сè уште купува одреден процент руски титаниум, но очигледно сме на пат кон независност од него“, рече Шолхорн, говорејќи на брифингот во Минхен.

Пред руската инвазија на Украина, Ербас купуваше 65% од потребите за титаниум од Русија, од VSMPO-Avisma, најголемиот светски снабдувач со титаниум.

По почетокот на војната, „Ербас“ ги повика Европската унија и САД да ги укинат санкциите против рускиот титаниум за да не ѝ наштетат на воздушната индустрија. Титаниумот сè уште останува надвор од ограничувањата наметнати по руската инвазија на Украина.

Ројтерс пишува, повикувајќи се на извори, дека „Ербас“ почнал да купува повеќе титаниум во САД и Јапонија.