Екстремните жештини ќе траат сè подолго во Скопје

Фото: Б. Грданоски
Скопје летово беше во портокалова фаза, а термометрите покажуваа и до 45 Целзиусови степени. Ефектите од глобалното затоплување веќе се реалност и се случуваат, а тоа во иднина само ќе се влошува.

Летово цела Европа беше зафатена од топлотен бран со рекордно високи температури. Во Париз беа измерени рекордни 42,6 Целзиусови степени, а некои делови од Централна и Западна Европа имаа за десет степени повисоки дневни процеси над вообичаените температури.

„Њујорк тајмс“ во статијата насловена „Колку потопол станува твојот роден град?“ пишува за влијанието на климатските промени и нуди интерактивна мапа на која може да се види како се затоплува градот во кој сте родени и колку може да очекувате да се зголемат температурите во иднина. Проекциите прикажани во анализата се под претпоставка дека државите ќе ја намалат емисијата на штетни гасови согласно Договорот за клима од Париз.

Скопје и околината во 1960 година во просек имале седум дена годишно со температура над 32 степени, а до крајот на ова столетие може да очекуваат меѓу 26 и 65 вакви многу жешки денови. Жителите на Скопје и околината во 1985 година можеле да очекуваат околу седум дена во годината да достигнат до 32 Целзиусови степени, за во 1995 таа бројка да се искачи на 11 и во 2005 година на 13 денови.

Најтопло лето откако се мерат температурите во земјава имало во 2007 година, кога се измерени рекордни 45,7 Целзиусови степени. Температурниот максимум е регистриран во Демир Капија на 24 јули 2007 година. Рекордот и за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачила до 43,3 степени. Тој ден се измерени и рекордни 45,3 степени во Гевгелија, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.

Температурите во државава официјално се мерат од 1948 година. Имало мерења и порано, но не е сигурно колку се прецизни, велат од Управата за хидрометеоролошки работи. Температурите ќе растат и побрзо доколку се продолжи со рекордно високи емисии на стакленички гасови.