ЕК во одговор на Трамп: Активно работиме на постепено откажување од руските фосилни горива


ЕУ работи на постепено откажување од руските фосилни горива и тоа го прави активно веќе неколку години од почетокот на војната во Украина, со многу јасен план, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо во коментар на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да престане да купува нафта од Русија.

– Сега дури имаме и јасен законски предлог за постепено откажување од преостанатите горива. Со голем број санкции тоа всушност веќе е направено, особено со целосната забрана за набавка на јаглен и други енергетски производи. Активни сме на тоа поле и имаме многу јасен план како да направиме тоа, со јасен рок, додаде Пињо.

Трамп вчера изјави дека е подготвен да воведе засилени санкции кон Русија, но дека и Европа мора да дејствува на начин што е еквивалентен на она што го прави Вашингтон.

– Европа купува нафта од Русија. Не сакам тие да купуваат нафта, а и санкциите што ги воведуваат не се доволно строги. Јас сум подготвен да воведам санкции, но тие ќе мора да ги заострат своите санкции соодветно на она што го правам јас, рече Трамп.

Заменик главниот портпаролот на ЕК, Олоф Гил, од своја страна, изјави дека Комисијата нема да ги коментира изјавите на Трамп, ниту пак ќе дава детали за 19-от пакет санкции кон Русија на кои работи во моментов.

– Нашата проценка е дека последователните пакети санкции што ги донесовме, кои вклучуваат и нови дополнителни иницијативи за да ги зајакнат претходните, функционираат. Економските показатели укажуваат дека тие (санкции) имаат влијание врз руската економија и токму тоа е нивната цел, рече Гил осврнувајќи се оценката на Трамп дека „санкциите не се доволно строги“.

Гил додаде дека ЕУ е свесна, а тоа го потврдила и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела, дека може и мора да се направи повеќе во однос на санкциите кон Русија.

– Затоа наскоро ќе излеземе со нов пакет што ќе вклучува уште посилни мерки за да ја удриме руската економија таму каде што ја боли. Тоа е се што ќе кажеме за тоа. Задоволни сме со она што го правиме од наша страна и работиме со нашите глобални партнери, вклучувајќи ги и САД, за да се обидеме да се координираме што е можно поефикасно, рече Гил.

Тој изрази надеж дека и партнерите на ЕУ ќе се придружат во нејзините напори за „вршење максимален притисок врз руската економија“ со цел што побрзо да се стави крај на руската агресија врз Украина.