ЕК: Уцените на Трамп не може да се толерираат

Потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера, остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека од 1 јуни ќе воведе 50-процентни царини врз производи од Европската унија. Таа порача дека Унијата нема да подлегне на притисоци и уцени.
– Таквата уцена не може да се толерира – изјави Рибера за новинската агенција Ефе по пристигнувањето на настан организиран од Европската федерација на PSOE во Брисел, по повод 40-годишнината од нејзиното основање, кој таа го отвори.
Според неа, Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја наметнат својата реалност и интереси како општо прифатени, очекувајќи сите да попуштат, но Европската унија треба да остане цврста и да не дозволи ескалација.
– Европа нема да дозволи да се наметнуваат услови што се апсолутно спротивни на интересите на европските бизниси и општество – нагласи Рибера, обвинувајќи го Трамп дека се обидува да ги заплаши Европејците. Таа додаде дека ЕУ мора да биде подготвена да реагира доколку САД воведат еднострани мерки.
Според неа, однесувањето на Трамп е глобална уцена.
– Мислам дека (Трамп) го уценува целиот свет. Еден од примерите што ги користам неодамна е Лесото – земја која доби еднострани царини од 50 проценти. Станува збор за една од најмалку развиените земји во светот, каде што поголемиот дел од населението заработува за живот со производство на тексас, ткаенината што се користи за фармерки – објасни таа.
Во своето обраќање, Рибера се осврна и на израелско-палестинскиот конфликт, нарекувајќи ја војната во Газа „неодговорна агресија“.
– Светот ќе се осврне со срам на она што денес се случува во Појасот Газа – рече таа, споредувајќи ја израелската офанзива со геноцидот во Руанда и Холокаустот врз Евреите во Втората светска војна.
– Она што предизвика срам во врска со Втората светска војна, ќе предизвика срам и во иднина во врска со ситуацијата што ја доживуваме – додаде Рибера.