Единствената земја која ја победи короната: Маските им станаа минато и укинати се сите ограничувања
Малиот архипелаг немал нови случаи на инфекција со недели. Фарските острови се добро изолирани и строго водат сметка новодојденците да не го донесат вирусот повторно кај нив. Затоа фарани сега шетаат без маска и може да одат и на трибините на стадионот.
Фарските острови беа најблиску до апокалипсата кон крајот на август – регистрирани се дури 23 случаи на инфекција за еден ден. Таков број не бил забележан пред или по тој ден на овој архипелаг во Северен Атлантик. Но, во декември, бројките експлодираа повторно до 19 случаи на ден.
Од 26 февруари, Фарските острови немаат забележано повеќе случаи на вирус. Се чини дека короната е искоренета на овие осумнаесет острови. Островите, на приближно еднакво растојание од Шкотска, Норвешка и Исланд, официјално припаѓаат на Данска, но имаат широка автономија. Вкупно околу педесет илјади луѓе живеат тука, претежно од риболов, туризам и одгледување овци.