ЕЦБ: Мултинационалните компании имаат тенденција да го преселат производството во пријателски земји


 

Повеќе од 40 отсто од мултинационалните компании очекуваат да го преселат производството во политички пријателски земји во наредните години, а најмногу се загрижени за ризикот поврзан со Кина, покажуваат резултатите од истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ).

Компаниите се повеќе размислуваат за преместување на производствените локации откако пандемијата и руската војна во Украина ги нарушија синџирите на вредност, но има малку емпириски докази за масовен потег, забележува Ројтерс.

Барајќи потврда на теренот, ЕЦБ анкетираше 65 многу големи компании со глобално влијание и откри дека речиси половина од нив сакаат да произведуваат поблиску до продажното место.

Четириесет и два отсто од нив сакаат да го преселат производството во „пријателски“ земји, односно во оние каде што се чувствуваат добредојдени.

„Меѓу земјите кои претставуваат или би можеле да претставуваат ризик за синџирите на снабдување во нивните сектори, две третини од испитаниците ја наведоа Кина“, објави ЕЦБ во Економскиот билтен, пренесе СЕЕбиз.

Повеќе од половина од овие компании набавуваат клучни материјали само од една земја или од мала група земји, а речиси сите известуваат дека оваа набавка сега е под зголемен ризик.

Огромното мнозинство од учесниците во истражувањето ги набавуваат овие материјали во Кина или група земји, вклучително и Кина, и сите се согласија дека таквата набавка вклучува зголемен ризик, додаде ЕЦБ.

Компаниите веќе неколку години се обидуваат да го доближат производството до местото на потрошувачка, додека преселбата во „пријателски“ земји е нова појава, па само 11 отсто од нив наведуваат дека оваа стратегија веќе ја спроведувале во последните пет години.

Европската унија веројатно ќе биде губитник и во ваквото „преуредување“ на производството, бидејќи компаниите „емигранти“ сè уште се мнозинство во споредба со компаниите „повратници“, што може „значително“ да влијае на вработувањето.

Нивната „миграција“ исто така може да ја стимулира инфлацијата, при што речиси половина од анкетираните компании проценуваат дека придвижувањето на производството поблиску до продажното место ќе доведе до повисоки цени, се вели во Економскиот билтен на ЕЦБ.