ДЗР: Слаба реализација на проекти во образованието

Слабости при дефинирање на програмите за инвестиции во образовната инфраструктура и отсуство на процедура со јасни критериуми за избор на објекти, како и низок степен на реализација на програмските активности во 2019 година од 36 проценти, што влијае врз постигнувањето на основните цели – подобрување на условите на образовниот процес, утврдил Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за извршената ревизија на дел од елементите на финансискиот извештај (биланс на приходи и расходи) и ревизија на усогласеност на Министерството за образование и наука за 2019 година.

Предмет на ревизијата биле капиталните расходи – потпрограмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, ученички и студентски домови и ревизија на усогласеност за 2019 година.

– Изрзивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на дел од елементите на финанскиот извештај Биланс на приходи и расходи за 2019 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики, соопшти ДЗР кој конечниот ревизорски извештај го објави денеска на својата веб-страница.

Како клучна системска слабост е наведено отсуство на законски одредби за основното и средното образование кои го регулираат начинот на утврдување на потребата од изградба/доградба на нови училишни објекти.

Извештајот содржи клучни препораки – допрецизирање на програмите и воспоставување процедура со јасни критериуми за објективен избор на објекти и обезбедување услови за навремено завршување на инвестициките работи и мерки за целосно искористување на одобрените буџетски средства за образовната инфраструктура.

ДЗР соопшти дека биле разгледани забелешките од МОН на нацрт-извештајот, но не се прифатени поради недоставени докази кои би имале влијание на констатираната состојба

Целта на ревизијата е да се добие разумно уверување дали елементите на финанси скиот извештај, кои се однесуваат на капиталните расходи за Потпрограмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, ученички и студентски домови, се ослободени од материјално погрешни прикажувања, а рефлектираните активности и трансакции се во согласност со законската регулатива.