Џафери и Заев во расчекор за изборните рокови


Дали заокружувањето на Протоколот за НАТО може да влијае за одложување на парламентарните избори или, пак, одржувањето на изборите на 12 април може да биде причина за пролонгирање на официјалното зачленување на Македонија во Алијансата? Главните носители на извршната и на законодавната власт во земјава деновиве настапуваат со различни ставови околу тоа кога треба да се распишат десеттите парламентарни избори, а тоа да не ги доведе во прашање процесите за зачленување во НАТО ниту, пак, изборниот датум што беше договорен по неуспехот на самитот на ЕУ во Брисел.
Разногласието меѓу функционери на СДСМ и на ДУИ се случува во ситуација кога има политички договор изборите да се одржат на 12 април следната година, а од друга страна сè уште е неизвесно кога Шпанија ќе може да го ратификува Протоколот за НАТО за тој да стигне на усвојување и во нашиот парламент. Различни се и размислувањата дали по распуштањето на парламентот, пратениците ќе може да се соберат повторно за да го ратификуваат Протоколот за НАТО.
Според првиот парламентарец Талат Џафери, ако партиите се решени да одат на избори на 12 април, тогаш парламентот мора да се распушти на 11 февруари (евентуално неколку денови подоцна), за, согласно уставниот рок од максимум 60 дена од распуштањето на парламентот до одржувањето на изборите, да може да се спроведат сите изборни дејствија. Наспроти тоа, премиерот Зоран Заев вели дека на лидерската средба во претседателската резиденција било разговарано за можноста Собранието да се распушти 45 дена пред одржувањето на изборите (што би значело кон крајот на февруари н.з.) за евентуално да не се загрози НАТО-процесот.
Џафери вели дека никаде во Уставот не е предвиден рок од 45 дена за одржување предвремени парламентарни избори. Нагласи дека роковникот за спроведување на изборните активности треба да го донесе ДИК, ама дека, и покрај скратените рокови, се предвидени 20 дена за увид во Избирачкиот список и уште толку за кампања. Џафери рече дека ќе закаже седница за распуштање на парламентот во зависност од тоа кога ќе добие таква предлог-одлука од парламентарните партии.
– Ако предлогот за распуштање на Собранието стигне подоцна, односно ако Собранието не се распушти околу 11 февруари, тогаш изборите ќе мора да се поместат за подоцна. Мора да го имаме предвид и роковникот на ДИК. Сметам дека оптимален минимум за организирање избори е од 51 до 52 дена – рече Џафери. Нагласи дека, како претседател на Собранието, мора да го почитува Уставот, односно членот 63 во кој е уредена постапката за распишување избори.
Џафери не бил повикан на лидерската средба кај Пендаровски, на која беше договорено предвремените избори да се одржат во април. Тој порача дека лидерите на политичките партии требало да се консултираат со него пред да одредуваат датум за вонредни парламентарни избори.
Спикерот беше дециден дека откако Собранието ќе се распушти нема да може да свика седница за да се ратификува Протоколот за НАТО, туку тоа ќе треба да го направи новиот собраниски состав. Според Џафери, не може да се прават споредби со праксата од претходните избори во 2016 година бидејќи тогаш Собранието, по едно распуштање, повторно заседавало по оценка од Уставниот суд.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека парламентот може да се состане и ако се распушти, согласно праксата пред изборите во 2016 година. Рече дека за тоа се разговарало на лидерската средба, каде што присуствувал професор кој е член на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Професорот дал свое мислење дека во итни ситуации Собранието може повторно да се собере.
– И тоа се случувало во минатото. Се сеќавате на оние романтични опозициски денови на Заев. На оние денови „тргни-застани“, „сакам избори, па не сакам“, па ајде во април, па чекај не сум спремен, па ајде во јуни, па чекај уште малку, па во декември… Собранието и тогаш се распушташе, па се враќаше – потсети Мицкоски.
Тој рече дека на лидерската средба се зборувало дека се очекува некаде во почетокот од декември да се формира парламентот во Шпанија, по завршувањето на изборите во земјата на 11 ноември. Како што објасни, имајќи предвид дека таму одлуката е помината во Владата, треба да помине само во парламентот. Бидејќи Шпанија е последната земја што би го ратификувала Протоколот за Македонија во НАТО, тој веднаш потоа би бил испратен во македонскиот парламент, така што би можел да биде усвоен во втората половина на декември или во првата половина на јануари. Според таа динамика, не би имало потреба да се одложува чинот на распуштање на парламентот.
Заев, во коментар за изјавата на Џафери дека Собранието треба да се распушти околу 11 февруари, изрази уверување дека ратификацијата на Протоколот за НАТО ќе биде завршена навреме и во нашиот законодавен дом.
Конечната одлука за распишување на изборите, како што рече Заев, е кај Џафери. (А.М.М.)