Двајцата потврдени пациенти со мајмунски сипаници се од Скопје, не патувале надвор од државата
Едниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, а другиот сѐ уште не е хоспитализиран

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски на денешната прес-конференција информира дека по лабораториски анализи на Институтот за јавно здравје потврдени се два случаи на мајмунски сипаници.
Андоновски соопшти дека попладнево ќе заседава Комисијата за заразни болести.
Апелира граѓаните да не паничат оти како што рече, системот функционира и се преземаат сите активности.
И директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска информира дека се работи за два машки пациенти родени на 1981 и 1985 година, и двајцата од Скопје. Според информациите шти ги дале двајцата пациенти не патувале никаде надвор од државата.
Таа нагласи дека едниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, а според нејзините информации сѐ уште не е хоспитализиран. Потенцира дека не се поврзани случаи.
И директорката упати апел граѓаните да не паничат и потенцира дека не се работи за ново заболување и за тоа веќе има протоколи.
Потврдени два случаи на мајмунски сипаници, прв пат во нашата држава
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото. Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.
Болеста се пренесува со директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице, близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос, контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор, респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.