Утре стапува на сила Законот за нефер трговски практики, ќе поевтинат ли 2.500 производи


Од утре стапува на сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи кој дополнително треба да ги намали цените на производите и треба трајно да стави ред во трговијата. Со него се опфатени близу 2.500 производи на кои профитната маржа им е ограничена до 10 отсто, поради што се очекува за 10 отсто да ги намали нивните цени. 

Денеска завршува преодниот период рок на Законот од 6 месеци за да ги усогласат договорите со одредбите на овој закон добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи до денот на влегување во сила на овој закон. Во спротивно, тие договори ќе станат ништовни. 

„Тоа значи дека утре е крајниот рок до кој купувачите и добавувачите треба да склучат нови договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи во кои на 10% е ограничен рабатот и дополнителните трошоци односно надоместоци. Листата на земјоделски и прехранбени производи содржи 2.548 тарифни броеви. Тука се производите кои се со 5 отсто ДДВ и 10 орсто ДДВ“, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Тој објаснува дека надоместоци се дозволени не повисоко од 10 отсто од остварениот промет во тековната година, за: ставање на полици на продажното место на купувачот, за рекламирање на земјоделски и прехранбени производи, за маркетинг на земјоделски и прехранбени производи, за ангажирање на персонал за опремување на просториите на купувачот во кои се врши продажба на земјоделски и прехранбени производи и рабат (национално утврдување).

„Сакам да потенцирам дека овој закон не ја регулира трговската маржа, туку ги забранува дополнителните трошоци (надоместоци) кои добавувачите морале да ги плаќаат за нивните производи да се продаваат. Со примена на овој закон очекуваме резултати на долг рок и намалување на цените на овие производи на листата од најмногу 10 отсто, односно првите резултати со намалени цени ги очекуваме до крајот на октомври кога очекуваме дека ќе се потрошат залихите од претходните договори и ќе почнат да се продаваат производите согласно новите договори“, вели Дурмиши.

Законот беше донесен на 20 март 2024 година и трговците и добавувачите имаа рок од шест месеци да ги усогласат договорите, односно да склучат нови договори, не подоцна од 27 септември.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши

Овој Закон е носен во соработка со сите засегнати страни, односно со трговците, производителите и дистрибитерите и нема да има одложување на неговата примена, почочува министерот.
Контролата за промена на овој Закон ја врши Комисијата за заштита од конкуренција.

„Во координација Комисијата за заштита од конкуренција во наредните три месеци, односно до крајот на годината за да излеземе во пресрет на сите засегнати страни, доколку се утврди дека при склучување на новите договори не се испочитувани одредбите на Законот ќе има опомени, односно нема да се преоѓа веднаш на казнување“, вели Дурмиши, додавајќи дека до крајот на годинава ќе се соработува со компаниите за да утврди дали се правилно склучени договорите односно дали се опфатени соодветно одредбите од законот.

Од 2025 година ќе се вршат редовни контроли од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Инаку, изминатиот период дојде до разногласи околу примената на овој закон кај асоцијациите на компаниите. Од една страна дел од компаниите бараа да се пролонгира неговата примена, но други смета дека законот претставува заштита за производителите. 

Премиерот Христијан Мицкоски повика на усогласување на ставовите на стопанските комори во однос на овој закон, посочувајќи дека доколку нема такво нешто, на Владата не и преостанува ништо друго освен да го спроведе законот во практика.

Во меѓувреме со цел да се заштитат граѓаните од ценовни шокови додека да почнат да се чуствуваат првите резултати од Законот за нефер трговски практики Дурмиши вели дека е донесена одлуката за ограничување на маржата на 10 отсто во трговија на големо и трговија на мало на 73 основни прехранбени производи.

Одлуката се спроведува, односно според првичните анализи на Министерството за економија цените на овие производи се намалени во просек од 5-10 отсто.

Кај некои производи намалувањето е помало, а кај некои производи и го нема затоа што кај овие производи маржата не била повисока од 10 отсто.

Вчера од опозициската СДСМ порачаа дека нема никаков ефект владината мерка за ограничување на маржите на дел прехранбените производи, а од ССМ, пак, сметаат дека мерката за намалени профитни маржи во „есенската кошница“ треба да трае најмалку три месеци за да има поголем ефект.