Дурмиши ќе ја „пегла“ потрошувачката кошничка, имало голема разлика меѓу синдикалната и онаа на Статистика


Фото: Б. Грданоски

Министерот Бесар Дурмиши денеска најави дека ќе се зафати со разликите кои се јавуваат помеѓу Државниот завод за статистика и Сојузот на синдикатите во износот на потрошувачката кошничка.

„Според податоците кои ги зедовме од Државниот завод за статистика и пресметките кои ги направивме во Министерството за економија резултатите не се исти со пресметките што ги направиле од Сојузот на синдикатите. Според нивните пресметки произлегува дека во јули потрошувачката кошница изнесува 65.170 денари и која во однос на јуни има раст од 245 денари. Ако се пресметува од декември 2023 година до јули 2024 година излегува дека има пораст од 4.047 денари, односно 7 проценти. Но според официјалните информации од Државниот завод за статистика, значи нема толку раст од седум проценти тука има раст од 3,6%. Решението за ова треба да се бара во спогодбата за измена на Економско социјалниот совет која веќе е поднесена“, вели Дурмиши.

Новиот Економско социјален совет, посочи Дурмиши, ќе има по четири члена од Владата, од Синдикатот и од работодавачите и ќе треба да биде формиран кон средина на септември. На првиот состанок, според Дурмиши, ќе се отворат сите теми, меѓу кои и за утврдување една методологијата по која ќе биде мерена потрошувачката кошница и методологијата за пораст на минималната плата.

„Синдикатот на вработените и работодавачите направија методологија каде што секој март треба да се покачи минималната плата. Тоа сега треба да биде во март 2025 година. Ако ние вонредно ја покачиме минималната плата тоа значи дека треба да го менуваме Законот за минимална плата, а не можеме тоа да го направиме поради тоа што се уште не е формиран Економско социјалниот совет. Во средина на септември месец ќе се одржи првиот состанок каде што ќе ги гледаме сите нивни барања на синдикатите“, вели Дурмиши.