Дури три четвртини од словенечките реки загадени со микропластика
Повеќето словенечки реки се загадени со микропластика, покажа проектот во кој, покрај научните лаборатории и еколошки здруженија, учествуваа и учениците од основните и средните училишта, кои собираа примероци од вода.
Анализата на примероци од 75 места на различни реки покажа дека во 44 од нив имало микропластика, пластични честички помали од 5 мм.
Најголема концентрација на микропластика утврдена е во преточното акумулациско езеро меѓу Кршко и Брежница на реката Сава, стои во резултатите од истражувањето на здружението Еколози без граници.
Според количината микропластика во некои примероци следи водата од реката Сава кај Домжале, потоа реката Крка кај Оточац и Ново Место, заедно со нејзините притоки, потоа Драва кај Марибор.
Каде е најдена микропластика?
Од 32 реки чии води биле анализирани, примероци без микропластика биле најдени само во реките Песница, Рижана, Зацурек, Руповшчица, Тржишка Бистрица и Ледава, но состојбата во нив ќе се следи со повторно земање примероци.
Најчесто, материјалот најден во загадувањето со микропластика во реките е во облик на филмови настанати со распаѓање на пластичните ќеси за купување, фолии за пакување и фолии за користење во земјоделството.
Присуство на полистирен кој настанува од амбалажа или материјал кој се користи во градежништвото, откриено еглавно во реките во близина на градовите, па така и во водите на Љубљаница, која тече низ главниот град Љубљана, како и во Драва кај Марибор.
Резултатите од анализата на водата претставени се во рамки на Месецот на наука во кој учествуваа 1.400 ученици од основните и средните училишта во Словенија за да се запознаат со еколошката проблематика.
Идејата потекнала од Германија со амбиција да се прошири и на другите европски земји, објави словенечката агенција СТА.