Дури 55.000 студенти ќе добијат ваучер за таблет или лаптоп – тоа чини 14 милиони евра

Со оваа мерка владата на ВМРО-ДПМНЕ сака да ги поттикне младите да останат во земјата. Парите се големи, каде ќе се најдат


 

Долго најавуваната мерка од новата власт – студентите да добијат ваучер од 250 евра, за да купат таблет или лаптоп – ќе стане  реалност, а тоа ќе нѐ чини речиси 14.000.000 евра. Овие пари од Буџетот ќе бидат распределени на околу 55.000 студенти. Но што ќе донесе ваквата инвестиција, никој не знае. 

Денеска, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков ја имаше „честа“ да презентира дел од деталите на Законот за издавање на вредносни ваучери.

„Станува збор за едно важно законско решение за младите, кое позитивно ќе влијае на животниот стандард на дури 55 илјади студенти во Македонија. Од државната каса издвојуваме  850 милиони денари, односно по номинална вредност од 15.300 денари за секој студент на додипломски студии, до 29 годишна возраст“, рече Марков.

Според него „целта на ова законско решение е Собранието да ја предизвика сиромаштијата, да ја избрише нееднаквоста и да придонесе против заостанувањето на генерациите во дигиталната ера“.

Од следната учебна година, студентите ќе може да ги искористат овие пари за лаптоп или за таблет. Пари кои подоцна нема да треба да се враќаат, бидејќи студентите ја заслужуваат оваа поддршка од државата, додаде тој.

Ваквата мерка ја правда со тоа што „знаеме дека нашата економија нема иднина без дигитализација, а без инвестиција во образованието и стандардот на студентите иднина нема ниту нашата држава“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи македонските студенти да заостануваат или да се создава нееднаквост помеѓу оние кои можат и оние кои не можат да си дозволат нов таблет или лаптоп компјутер, што во модерно време претставуваат основно помошно средство во образовниот процес. Ова не го сметаме како трошок. Ова е инвестиција во нашите деца, во нашата иднина. Инвестиција која многукратно ќе ѝ се врати на државата и ќе го засегне секој граѓанин во Македонија“, додаде Марков.

Мерката се најавува од лани

Во октомври 2024 година, на почетокот од новата академска година, премиерот Христијан Мицкоски најави дека сите студенти во земјата ќе добијат ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди. Премиерот ова го претстави како дел од владините напори за задржување на младите во државата.

Мерката донекаде беше изненадување, бидејќи не беше дел од ниту една програма за работа на ниту една партија на парламентарните избори, што ја направи неочекуван, но привлечен и добредојден гест за студентите.

Терминот на нејзина најава беше одбран мошне внимателно, токму на почетокот од учебната година, во период кога академската заедница е најактивна, а студентските теми се во фокусот на јавноста.

„Обзнанувам дека Владата ќе поддржи во наредниот месец, преку јасни критериуми и јасен систем, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди, за сите, повторувам, за сите студенти во државава, за сите до еден“, рече премиерот Мицкоски во своето обраќање по повод 33-годишнината на Конференција за Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа на 6 октомври во Охрид.

Оваа најава беше јасно и гласно повторена уште неколку пати во деновите што следуваа, а на 9 октомври владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција информираше дека е „почната комуникација“ со компаниите кои би ги обезбедиле ваучерите.

„Младите мора да го добијат централното место во носењето на одлуки – ова е визијата на Владата при носењето на мерки и политики кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард. За таа цел, Владата предвиде мерки и тоа 250 евра ваучери за студентите за електронски уред“, рече Митева на 9 октомври.

„Во однос на истото, сакам да најавам дека од страна на Владата е отпочната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година (2024 година) треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување на пристап кој е најповолен и преку кој ќе се изнајде најдобра методологија за распределба на обезбедените финансиски средства“, додаде Митева.

Мерката треба да им помогне на студентите во нивното образование и да ја олесни нивната дигитална поврзаност, особено во време кога онлајн ресурсите се сè позначајни за учење и академски развој.

„По финализирањето на преговорите со ИТ компаниите, кон крајот на оваа година ќе обезбедиме повеќе детали за процесот, како и насоки за тоа како младите ќе можат да ги максимизираат придобивките од овие ваучери“, потенцираше владиниот портпарол во октомври.

За студентите да можат да ги добијат овие вреднсни ваучери, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, вчера (15 јули) поднесоа Предлог на закон за издавање на вредносни ваучери за студенти.

Сергеј Попов, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата информира дека вредносни ваучери по 250 евра или 15.300 денари за да набави техничко помагало, ќе може да добие секој студент на додипломски студии, редовен или вонреден, на државен или на приватен факултет. (Б.Б.)