Државата субвенционира обука за пилоти

Обука за пилоти на авион, лесни воздухоплови, едрилици, но и за параглајдер и падобранци, субвенционира државата со 50 отсто, односно до 4.200 евра, а огласот за пријавување денеска излезе во дневните весници.
Се бараат седум приватни пилоти на авион (PPL-A), три пилоти на лесни воздухоплови (LAPL),пет пилоти на едрилици по програма со аерозабрега (GPL), 10 параглајдеристи и двајца падобранци.
Оуката за овие профили чеини од 600 евра за параглајдерист, до 8.250 евра за приватен пилот, а државата ги поддржува обуките со 50 отсто од вредноста на обуката. Доколку на кандидатите им се потребни повеќе часови од планираните, тие паѓаат на товар на кандидатот.
На повикот може да се пријават кандидати на возраст од 18 до 30 години, со средно образование, кои треба да познаваат англиски јазик на Б2 ниво, да се психофизички способни, а ќе се полагаат и тестови по физика и математика.
На конкурсот немаат право да се пријават лица кои се во сродство со вработени во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Конкурсот трае 15 дена, а доколку нема доволно пријавени, тој ќе продолжи.
Дали овие субвенции се однесуваат и на обука за пилоти со цел тие да може да летаат со противпожарните „ер трактори“, во огласот не е наведо. Македонија кубури со ваков кадар, откако двајцата пилоти заминаа во пензија, но повторно беа ангажирани поради недостиг на пилоти. Тие самите неколкупати објаснуваа дека пилот за авион со кој би се гасел пожар не се станува за година, две. Дека обуката на овие луѓе трае многу подолго и под надзор, додека прв пат се дозволи да летаат сами.